домаМакедонија51,7 отсто од младите сметаат дека имаат премалку права – ги препознаваат...

51,7 отсто од младите сметаат дека имаат премалку права – ги препознаваат неправдите, но не знаат како да се заштитат

- Advertisement -spot_img

Повеќе од половина од анкетираните млади во Македонија сметаат дека младите имаат премалку права, додека недоволната информираност, стравот од последици и недовербата во институциите дополнително ги обесхрабруваат да побараат заштита. Според истражувањето на Фондацијата „Фридрих Еберт“ од 2024 година, ваков став имаат 51,7 отсто од 504 испитаници на возраст од 14 до 29 години. Правните експерти и младинските организации предупредуваат дека младите често ја препознаваат неправдата, но не секогаш знаат како да реагираат.

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, проф. д-р Јасна Бачовска Недиќ, објаснува дека интернетот и социјалните мрежи им овозможуваат на младите поголем пристап до информации, но не и нужно практично правно знаење.

„Едно е да знаете дека имате одредено право, а сосема друго е да знаете што треба да направите кога тоа право ќе ви биде повредено“, посочува професорката, нагласувајќи дека образовниот систем недоволно ги подготвува младите за реални ситуации, како потпишување договор, заштита на работничките и потрошувачките права, дигитално вознемирување или поднесување претставка.

„Правната писменост треба да биде дел од општото образование, а не привилегија на оние што студираат право“, додава Бачовска Недиќ.

Од Центарот за младински активизам КРИК (ЦМА КРИК) велат дека младите генерално ги познаваат правата на слободно изразување, еднаквост и недискриминација, но недоволно ги разбираат постапките за нивна заштита, особено во работните односи, образованието и социјалната заштита. Дополнителни тешкотии имаат младите со попреченост и оние со помалку можности.

„Младите често препознаваат дека нешто е неправедно или дека се соочуваат со дискриминација, но не знаат кому треба да се обратат, како да поднесат претставка или што можат да очекуваат од постапката“, посочуваат од КРИК.

Адвокатот Дејан Јовчески исто така укажува на недоволното познавање на правната заштита пред судовите, Министерството за внатрешни работи, општините и другите институции, вклучително и можноста за претставка до Народниот правобранител. Според него, младите ретко преземаат правни чекори поради недоверба и непознавање на постапките, поради што е неопходна еднаква и доследна примена на законите.

Од „Сфера Интернејшенал“ од Битола сметаат дека младите знаат дека имаат права, но не секогаш го разбираат нивното значење во секојдневието. Како пример го посочуваат првото вработување, кога младите треба да знаат што потпишуваат, кои услови ги прифаќаат и како да реагираат при прекршување на договорот.

Според Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во 2025 година биле поднесени 444 претставки од граѓани и организации, од кои 52 отсто се однесувале на работните односи, а 11 отсто на образованието, науката и спортот. Податоците ги опфаќаат сите возрасни групи.

При неправилности на работното место може да се поднесе и анонимна пријава до Државниот инспекторат за труд, за дискриминација до надлежната Комисија, електронски, по пошта или лично, а за повреда на права од органи со јавни овластувања до Народниот правобранител. За образовни проблеми надлежни, зависно од случајот, се училишните стручни служби, раководството и Државниот просветен инспекторат.

Достапна е и бесплатна правна помош преку Министерството за правда, неговите подрачни одделенија, овластените здруженија и правните клиники. Примарната помош опфаќа информации, совети и подготовка на барања, а секундарната адвокатско застапување под законски услови. Во 2024 година примарна помош добиле 5.030 лица. При пријавување неправда важно е да се зачуваат документите и доказите и да се проверат роковите, бидејќи претставка до една институција не ги продолжува автоматски роковите за друга постапка.

Бачовска Недиќ нагласува дека правни механизми постојат, но не се еднакво достапни за младите од руралните средини, социјално загрозените и лицата со попреченост.

„Правото на заштита нема голема практична вредност ако постапката за негово остварување е недостапна, неразбирлива или премногу долга“, предупредува професорката.

Од КРИК и „Сфера Интернејшенал“ посочуваат дека стравот од губење работа, притисоците во образованието и недовербата во исходот на пријавите ги обесхрабруваат младите. Бачовска Недиќ го наведува примерот со студент кој не поднесува приговор за неправеден третман од професор поради страв од последици врз студирањето. Оттука, соговорниците бараат практична поддршка, заштита на приватноста и навремено, непристрасно постапување. Според истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка од 2024 година, 51,8 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 29 години имаат доверба во граѓанските организации, најмногу меѓу опфатените возрасни групи.

За јавната активност на младите, професорката смета дека не треба да се оценуваат како незаинтересирани. Социјалните мрежи овозможуваат побрзо организирање, но повремените реакции не секогаш прераснуваат во долгорочен ангажман. Анализата на УНИЦЕФ од 2024 година, која се повикува на претходни истражувања, наведува дека околу 80 отсто од младите се опишуваат како општествено неактивни. Од „Сфера Интернејшенал“ ги издвојуваат волонтерството и локалните иницијативи како примери за активност, додека КРИК предупредува дека осудата од околината, притисоците и сомнежот во резултатите ги обесхрабруваат младите да реагираат.

Според мониторингот на Националниот младински совет на Македонија, бројот на општини со локални младински совети се намалил од 28 во 2024 на 24 во 2025 година. Во 2025 година младински центри имало во 13 општини, локални стратегии за млади во 17, а само 11 општини го издвоиле законскиот минимум од 0,1 отсто од буџетот за млади. Законот за младинско учество и младински политики ги опфаќа лицата од 15 до 29 години, а советите и центрите треба да обезбедуваат простор за учество, информирање, едукација и развој.

Од младинските организации бараат овие можности да бидат подостапни и младите да добиваат повратни информации за своите предлози. Бачовска Недиќ предлага практична правна едукација од основното образование, советувалишта, едноставни дигитални водичи и развивање правна култура во која барањето заштита нема да се доживува како судир со авторитетите. Таа ја нагласува и поврзаноста на правната, медиумската и дигиталната писменост, особено поради непроверените информации на социјалните мрежи и преку вештачката интелигенција, посочувајќи ја Финска како пример за практична едукација приспособена на возраста.

„Не можеме целата одговорност да ја префрлиме врз младите, постојано повторувајќи дека треба подобро да ги познаваат своите права“, нагласува Бачовска Недиќ.

„Кога младите знаат дека нивниот глас се слуша и дека нивното дејствување може да донесе промена, тие стануваат посигурни и подготвени да ги заштитат своите права, но и правата на другите“, порачуваат од КРИК.

Познавањето на правата не е исто што и можноста тие да се остварат. За младите во Македонија, предизвикот останува да имаат не само информации, туку и достапна помош, доверба и сигурност кога ќе побараат заштита.

https://faktor.mk/517-otsto-od-mladite-smetaat-deka-imaat-premalku-prava–gi-prepoznavaat-nepravdite-no-ne-znaat-kako-da-se-zashtitat

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img