домаМакедонијаЗлатните прачки и монети се сигурна инвестиција за Македонците, грам чисто злато...

Златните прачки и монети се сигурна инвестиција за Македонците, грам чисто злато чини 125 долари

- Advertisement -spot_img

Златото повторно станува една од најпосакуваните инвестиции, а неговата цена урива нови рекорди. Експертите за весникот ВЕЧЕР објаснуваат дека геополитичките тензии, неизвесноста околу каматните стапки и засиленото купување од централните банки го туркаат благородниот метал кон нова ценовна експанзија. Македонските граѓани сè повеќе се свртуваат кон златните прачки и монети како начин да го заштитат капиталот, издвојувајќи и до четвртина од слободните средства за ваков вид инвестиција. Тие очекуваат дека ќе следува нова пазарна корекција на жолтиот метал.

Цената на златото повторно се искачи над психолошката граница од 4.100 долари за тројунција, продолжувајќи го нагорниот тренд по минатонеделните осцилации на светските берзи. Движењето на цената на благородниот метал повторно го привлече вниманието на инвеститорите, особено поради неизвесноста околу монетарната политика на САД, геополитичките случувања и зголемената побарувачка од централните банки.

По минатонеделното затворање на ниво од 4.069,63 долари за унција, кога беше регистриран дневен пад од 0,43 проценти, златото повторно доби на вредност. Во текот на петте трговски дена, забележа раст од 1,23 проценти, а најновото поскапување се поврзува со пониските цени на нафтата и со намалените инфлациски притисоци. Сепак, очекувањата за можни промени на каматните стапки на американските Федерални резерви и натаму претставуваат фактор што може да го ограничи растот.

Финансиските експерти што ги консултираше весникот ВЕЧЕР проценуваат дека последните движења се дел од поширок тренд, а нивните очекувања се дека златото во наредниот период би можело да достигне нови рекордни вредности.

Извршниот директор во КБ Инвест АД Скопје, м-р Андреј Пулејков, посочува за весникот ВЕЧЕР дека ценовните осцилации во изминатиот период се резултат на комбинација од краткорочни и од долгорочни економски и геополитички фактори.

– Златото бележи значителен раст по изборите во САД поради очекувањата на инвеститорите за решение во однос на кризата на Блискиот Исток, што би водело кон пад на цената на нафтата и соодветно на тоа на инфлацијата и задржување и намалување на каматните стапки – истакнува Пулејков, нагласувајќи дека каматните стапки се еден од најзначајните фактори што влијаат врз цената на благородниот метал.

Тој објаснува дека претходниот пад на златото бил поттикнат и од податоците, кои биле подобри од очекуваните, за вработеноста во САД, со што се засилиле надежите за построг пристап на Федералните резерви кон монетарната политика. Посилниот пазар на трудот ја зголемил веројатноста за повисоки каматни стапки, што го зајакнало доларот и ги зголемило приносите на американските државни обврзници. Како долгорочни фактори за поддршка на цената, Пулејков ги издвојува зголемената побарувачка од централните банки, особено од Кина, неизвесноста околу светските економски и политички текови, високото ниво на јавен долг и големите буџетски дефицити на развиените земји.

Слична оцена за идното движење на цената има и директорот на „Инвестапедиа голд“, Дејан Костадинов Петров, авторизиран увозник и трговец со инвестициски метали во земјава. Според него, по периодот на ценовна корекција и пауза на берзанските трансакции, пазарот повторно влегува во таканаречена биковска фаза, односно период на очекуван раст.

– Спот-цената на златото во ноември се движи околу 4.100 долари за унција, предизвикано од индексот на американскиот долар, кој се намали за 0,4 проценти на 101,88, што создаде поволни услови за благородните метали чии цени се изразени во долари – вели Костадинов Петров за ВЕЧЕР.

Тој посочува дека истовремено се следат неколку значајни случувања: потенцијалните преговори за мировен договор меѓу Русија и Украина, стабилизирањето на енергетската криза поврзана со интервенцијата на САД врз Иран, како и растот на инфлацијата во Европа и во САД.

– Генерално гледано, сметаме дека станува збор за враќање на нагорниот тренд, кој се очекува во следната година да постигне нова рекордна цена на златото – оценува тој.

Интересот за инвестициското злато расте и на домашниот пазар. Според Костадинов Петров, граѓаните сè почесто го препознаваат како една од постабилните форми на инвестиција и заштита на личните заштеди. Тој посочува дека инвеститорите комбинираат физичко злато, како прачки и монети, со поликвидни финансиски инструменти, меѓу кои се и берзанските фондови за злато (ETФ).

Особено е значаен и податокот за зголеменото купување од страна на централните банки. Според Светскиот совет за злато, нивното нето-купување во третиот квартал од 2026 година пораснало за 42 проценти во однос на тој период претходната година, достигнувајќи 321 тон. Вкупните нето-купувања од почетокот на годината се приближуваат до 675 тони.

– Во нашата држава, на годишно ниво се забележува зголемување на трендот на инвеститорите во злато, со што процентот на диверзификација на инвестициите во злато ја преминува границата од препорачаните 15 проценти во однос на другите инвестициски инструменти, односно се поместува на 20 до 25 проценти од слободниот капитал на граѓаните – потенцира Костадинов Петров.

Прогнозите на големите финансиски институции дополнително го поттикнуваат интересот. „Голдман Сакс“ предвидува цена од 4.150 долари до крајот на 2026 година. Според прогнозите на американската финансиска институција „Велс Фарго“, се очекува цената на златото да биде на ниво од 5.200 до 5.400 долари до крајот на 2027 година. УБС, пак, прогнозира 5.400 долари до септември 2027 година, а американската инвестициска банка Џеј Пи Морган Чејс дури 6.300 долари до крајот на таа година.

На македонскиот пазар, движењето на светската цена директно се одразува врз вредноста на златото, во зависност и од курсот на денарот во однос на доларот. Вчера на пладне грам чисто злато од 24 карати чинеше околу 7.220 до 7.325 денари (околу 125 долари), додека златото од 22 карати чинеше околу 6.714 денари за грам, од 18 карати околу 5.493 денари, а од 14 карати приближно 4.204 денари.

https://www.vecer.press/zlatnite-prachki-i-moneti-se-sigurna-investiczija-za-makedonczite-gram-chisto-zlato-chini-125-dolari/

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img