Бугарија не гледа потреба од посредник во разговорите со Македонија и смета дека прашањата поврзани со евроинтегративниот процес веќе се утврдени на европско ниво. Ова го порача бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова, одговарајќи на пратеничко прашање во бугарското Собрание.
„Нетипично е да има посредник меѓу земја-членка на Европската Унија и земја-кандидат за договорености кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво. Ова е многу јасен став на Бугарија“, изјави Петрова-Чамова.
Таа порача дека Софија очекува Македонија да покаже подготвеност за промена на политичкиот наратив кон Бугарија.
„Важно е да видиме од Република Северна Македонија подготвеност за политички наратив кој не е антибугарски, кој досега беше доминантен“, рече Петрова-Чамова.
Според неа, дијалогот меѓу двете земји ќе биде тежок сè додека не се промени таквиот пристап. Таа ги отфрли како неосновани тврдењата дека Бугарија може да постави дополнителни барања или да ја промени досегашната позиција.
„Во дијалогот со Република Северна Македонија, владата и Министерството за надворешни работи се водат од консензусот од 2022 година и последователните одлуки на бугарскиот парламент, кои јасно ја дефинираат бугарската позиција“, нагласи министерката.
Изјавата следува по предлогот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски претставници на ЕУ да бидат вклучени како посредници во разговорите со Софија. Македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски претходно изјави дека дијалогот што се води за отворените прашања има поддршка од европските институции и земјите-членки.






