Борбата против корупцијата мора да донесе конкретни резултати, одговорност за високата корупција и ефикасна конфискација на незаконски стекнатиот имот, порача министерот за правда, Јетон Шасивари, од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Будва, каде што учествуваше на панелот посветен на борбата против корупцијата.
Како што соопшти Министерството за правда, Шасивари нагласи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се основа за демократска стабилност и доверба во институциите. Особено внимание посвети на предметите од висока корупција, чиј исход претставува вистински тест за ефикасноста и независноста на правосудниот систем.
„Особено внимание посветуваме на ефикасното постапување по предметите од висока корупција, како еден од клучните показатели за ефективноста на правосудниот систем и неговата способност да обезбеди одговорност без оглед на позицијата или влијанието на сторителите“, истакна Шасивари.
Во фокусот на неговото обраќање беа и законодавните реформи. Подготвени се нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка, со кои се предвидуваат построги санкции за коруптивните кривични дела и поефикасни механизми за конфискација на имотот и имотната корист.
„Нашата цел е јасна – криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане во рацете на сторителите“, порача министерот.






