Од 1 декември годинава граѓаните ќе се соочат со построги услови за задолжување во банките. Народната банка ги намалува максималните лимити за кредитна задолженост и го скратува рокот за отплата на станбените и хипотекарните потрошувачки кредити. Исклучок се граѓаните кои за првпат купуваат сопствено живеалиште, за кои се задржуваат поповолните услови.
Новите правила, кои централната банка ги објави на 2 октомври, предвидуваат максималниот однос меѓу вкупните месечни кредитни обврски и приходите на кредитокорисникот да се намали за пет процентни поени. Кај кредитите во денари лимитот се намалува од 50 на 45 проценти, додека кај кредитите со валутна компонента од досегашните 45 на 40 проценти.
Практично, граѓанин со месечни примања од 60.000 денари, кој досега можел да има вкупни месечни кредитни обврски до 30.000 денари според општиот лимит за денарски кредити, од декември ќе биде ограничен на 27.000 денари.
Пократки рокови за отплата на станбените кредити
Значајни промени има и кај роковите за отплата. Наместо досегашните 30 години, станбените кредити за купување втор или следен стан ќе можат да се отплаќаат најмногу 25 години. Кај хипотекарните потрошувачки кредити максималниот рок се скратува од 20 на 15 години.
Тоа значи дека граѓаните кои ќе земат ист износ на кредит, но со пократок период на отплата, ќе имаат повисоки месечни рати, доколку каматата и другите услови останат непроменети. Истовремено, пониските лимити за задолжување ќе влијаат и врз максималниот износ што банките ќе можат да им го одобрат.
За оние што првпат купуваат сопствен дом, максималниот рок на отплата и натаму ќе биде 30 години. За нив останува и можноста за минимално сопствено учество од 10 проценти, додека за останатите купувачи општиот регулаторен минимум ќе е 25 проценти, според мерките воведени во декември 2025 година.
Славески: Становите пред сè треба да бидат за живеење, а потоа за инвестирање
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во октомвриско интервју за ТВ Телма објасни дека целта е да се ограничи ризикот од прекумерно задолжување, а истовремено да им се помогне на оние што го решаваат станбеното прашање.
„Уште минатата година кажав дека становите и куќите, пред сè, треба да бидат објекти за живеење, а дури потоа објекти за инвестирање“, изјави Славески.
Според него, половина од новоодобрените кредити годинава се со рок на отплата подолг од 25 години. Токму тоа е една од причините за скратувањето на максималниот период за враќање на кредитите за втор и следен стан.
Економистите предупредуваат на повисоки рати и намалена побарувачка
Економистот Абил Бауш, во изјава за „Порталб“, предупреди дека новите ограничувања може да влијаат врз побарувачката за кредити, куповната моќ на граѓаните и градежниот сектор.
Според него, скратувањето на роковите за отплата ќе значи повисоки месечни рати, што може да ја намали достапноста на кредитите за дел од домаќинствата.
Бауш посочува дека мерките доаѓаат во период кога градежништвото има значајна улога во економскиот раст, а купувањето недвижности останува еден од традиционалните начини на вложување на граѓаните.
Станбените кредити растат за 16,6 проценти
Народната банка ги образложува новите ограничувања со растот на задолжувањето на домаќинствата. Во текот на септември станбените кредити пораснале за 1,5 отсто на месечно и за 16,1 отсто на годишно ниво.
Цените на становите во Скопје продолжуваат да растат, но со побавно темпо. Според најновите податоци на Народната банка, во третиот квартал од 2026 година годишниот раст на цените на становите изнесувал 10,3%. Во споредба со претходниот квартал, кога годишниот раст изнесувал 13,4%, забележливо е натамошно забавување на растот на цените.
Од централната банка нагласуваат дека мерките имаат превентивен карактер и не се резултат на непосредна нестабилност на банкарскиот систем. Целта е да се спречи прекумерното задолжување пред тоа да предизвика проблеми и за граѓаните и за банките.
Новите ограничувања ќе почнат да се применуваат од 1 декември, а банките веќе ќе треба да ги приспособат условите за одобрување кредити кон изменетата регулатива.






