Претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево од амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, официјално го примил Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2026 година.
Во објавата на Фејсбук, Гаши оценува документот претставува објективен преглед на постигнатите резултати и предизвиците со кои се соочува државата.
-Истакнав дека овој извештај го сметаме за објективен преглед на постигнатите резултати и предизвиците со кои се соочуваме, но пред сѐ, како патоказ за следните чекори на патот кон членство во ЕУ – напиша Гаши.
Тој посочува дека позитивно го оценува тоа што во извештајот е нотирано подобрување во функционирањето на Собранието, особено во делот на усвојувањето на Етичкиот кодекс, Стратешкиот план 2027–2031, зајакнувањето на парламентарниот надзор и постигнувањето меѓупартиски консензус за важни институционални именувања.
-Со целосна сериозност ги прифаќаме и критичките оценки во однос на отсуството на политички консензус за одредени прашања и зголемената употреба на скратените постапки. Затоа, како претседател на Собранието, ќе продолжам да се залагам за Собрание кое ги промовира дијалогот, консензусот и европските реформи – истакна Гаши.
Тој нагласува дека определбата на државата за полноправно членство во Европската Унија останува непоколеблива.
-Нашата определба за полноправно членство во Европската Унија останува непоколеблива, како стратешки интерес и иднина на нашата држава. Овој извештај треба да биде поттик за забрзување на процесот и за докажување дека нашата држава е посветена на европските вредности и стандарди – порача претседателот на Собранието, Гаши.






