Доскорешниот началник на Генералштабот на Армијата на Македонија, генерал Васко Ѓурчиновски, стана директор во една од фирмите на Модирум Платформс Груп од Финска од областа на одбранбените и безбедносните технологии.
Пензионираниот воен старешина е нов директор на „Модирум Логистикс“ на местото на Јуси Акусти Тамелин. „Модирум“ (Modirum) е меѓународна групација со фински корени, која работи во информатичката технологија, сајбер-безбедноста и одбранбената индустрија. Во нејзината структура има и компанија за меѓународна трговија со оружје и воена логистика. Групацијата има и информатички бизниси во Македонија, меѓу кои Модирум Платформс која со над 100 вработени годишно остварува по околу 5 милиони евра приходи. „Модирум Интернешнл“ е претставена како компанија специјализирана за меѓународна трговија со муниција и ракети, беспилотни летала и воена опрема, воена логистика и организирање испораки, како и за посредување во набавки за одбранбената индустрија.
Минатата година Ѓурчиновски беше назначен за потпретседател за деловен развој за Југоисточна Европа во меѓународната компанија „Модирум Геспи“ (Modirum | GESPI), која работи во областа на одбранбените и безбедносните технологии.
Како што соопшти тогаш компанијата, Ѓурчиновски ја презел функцијата на 1 ноември 2025 година, по неговото пензионирање од активната воена служба кон крајот на октомври.
На новата позиција, тој е задолжен за развој на деловните активности и зајакнување на присуството на компанијата во земјите од Југоисточна Европа, во рамките на секторот за системи за командување и контрола и воздухопловни системи. Неговите обврски вклучуваат воспоставување и продлабочување на соработката со државните институции и компаниите од одбранбената индустрија, како и промовирање на нови технологии во областа на одбраната и безбедноста.
Од „Модирум Геспи“ посочуваат дека Ѓурчиновски носи долгогодишно искуство во военото раководење, стратешкото планирање и меѓународната одбранбена соработка. Во текот на кариерата извршувал високи функции во македонската Армија и во структурите на НАТО, а последната висока воена позиција му била началник на Генералштабот.
„По децении служба во вооружените сили, чест ми е што ќе можам да продолжам да придонесувам во секторот за одбрана и безбедност, сега во нова улога. Предизвиците на денешното геополитичко опкружување бараат флексибилни, иновативни и доверливи индустриски партнери“, изјавил тогаш Ѓурчиновски по назначувањето.
Тој нагласил дека новиот ангажман му дава можност своето оперативно искуство да го искористи за зајакнување на капацитетите на компанијата и поддршка на сојузниците преку современи технолошки решенија.






