Охриѓани ќе плаќаат поскапа вода за 3 денари по кубик, откако владејачкото мнозинство во Општинскиот совет денеска изгласа нов тригодишен тарифник со кој цената на водата до 2029 ќе се зголеми за вкупно 16% а кај правните лица за 20%. Па така кај едно семејство кое просечно троши меѓу 10 и 15 кубици, сметката од 1 јануар ќе биде повисока за околу 40 денари. Опозицијата бурно реагира дека одлуката е нов удар врз џебот на граѓаните во текот на зимата кога и останатите давачки се во вртоглав раст.
Од „Водовод“ појаснуваат дека растот на цената периодов е неизбежен и усогласен со тарифникот на Регулаторната комисија за енергетика.
Поскапувањето на водата на локално ниво доаѓа во чувствителен период, кога на национално се најавуваат и повисоки цени на струјата.ЕСМ ги пресметува новите трошоци и до средината на ноември треба да достави анализа до Владата за новата цена по која ќе му ја продава струјата на „ЕВН Хоум“ од јануари додека актуелната изнесува 65 евра за мегават-час.МЕПСО побара зголемување на преносната тарифа за над 98%, но Регулаторната комисија нагласува дека ова не значи автоматско зголемување на сметките на граѓаните за ист процент.Во меѓувреме, РКЕ ги разгледува и пресметките на останатите енергетски компании, додека конечниот товар за домаќинствата сè уште не е утврден и ќе зависи од владините одлуки и финалните мрежни трошоци.Дополнителен притисок врз енергетскиот систем претставуваат и податоците дека домаќинствата веќе бележат зголемена потрошувачка на струја и до 23% повеќе од лани, што ги загрижува граѓаните во пресрет на грејната сезона.






