Владата на Црна Гора на телефонска седница донесе нова уредба за визниот режим, со која се утврдуваат условите за влез, транзит и престој на странски државјани во земјата.
Уредбата ќе почне да се применува од 1 ноември 2026 година, додека ќе стапи во сила ден по објавувањето во „Службен лист на Црна Гора“.
Според текстот на уредбата, државјаните на голем број земји ќе можат да влегуваат во Црна Гора, да транзитираат низ нејзината територија и да престојуваат до 90 дена без виза, со важечка патна исправа.
Меѓу нив се државјаните на земјите членки на Европската Унија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Соединетите Американски Држави, Канада, Обединетото Кралство, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и голем број други земји, објави Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ).
Без виза до 90 дена ќе можат да престојуваат и носителите на важечки патни исправи од посебните административни области на Кина, Хонгконг и Макао, како и од одредени прекуморски територии на Кралството Холандија и Обединетото Кралство. Оваа можност се однесува и на носителите на патни исправи издадени за Тајван, под условите утврдени со уредбата.
Новата уредба ја задржува можноста за влез во Црна Гора со важечка лична карта за државјаните на земјите членки на Европската Унија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Косово, Лихтенштајн, Македонија, Монако, Норвешка, Сан Марино, Србија, Светата Столица и Швајцарија.
LANDOV Барбов: Лекувањето на Ива Михаилова во Бугарија беше само мој предлог, без колегиум
Државјаните на овие земји ќе можат да влегуваат во Црна Гора, да транзитираат и да престојуваат во земјата до 30 дена без виза, со важечка лична карта.
Посебно е уреден и режимот за државјаните на Перу, кои ќе можат да престојуваат во Црна Гора до 30 дена со важечка патна исправа, согласно склучениот договор за меѓусебни патувања на државјаните.
Уредбата предвидува дека во Црна Гора без посебна црногорска виза ќе можат да влегуваат и странци кои поседуваат важечка патна исправа со важечка шенген-виза, како и виза од Австралија, Јапонија, Канада, Нов Зеланд, Ирска, Соединетите Американски Држави или Обединетото Кралство.
На овие лица им е дозволен престој до 30 дена, односно пократко доколку важноста на визата истекува порано.
Истото правило важи и за одредени категории странци кои поседуваат дозвола за престој во наведените држави и територии.
Во таков случај, престојот во Црна Гора може да трае најмногу 30 дена, односно до истекот на дозволата за престој доколку таа важи пократко.
Со уредбата е прецизирано дека овие можности се однесуваат на носителите на соодветни важечки патни исправи и визи, односно дозволи за престој.
Уредбата го регулира и влезот на странци кои поседуваат патни исправи издадени од Обединетите нации и нивните специјализирани агенции.
Тие ќе можат да престојуваат во Црна Гора до 90 дена без виза.
Предвидени се и посебни услови за бегалци, лица без државјанство, носители на посебни патни исправи за странци, како и за дипломатскиот и службениот персонал.
За одредени категории лица кои поседуваат патни исправи издадени врз основа на конвенциите за статусот на бегалците и лицата без државјанство, како и посебни патни исправи за странци, е овозможен престој до 30 дена без виза.
Дипломатите и службените лица од државите со кои Црна Гора има склучено билатерални договори ќе патуваат согласно одредбите од тие договори.
Со стапувањето во сила на новата уредба, престанува да важи претходниот документ за визниот режим.






