Дел од дијабетичарите реагираат и бараат од државата да обезбеди сензори за мерење на шеќерот во крвта за сите лица со оваа состојба.
Пред три години државата обезбеди вакви сензори за 650 деца, а тогашниот министер Фатмир Меиџити најави дека ќе бидат обезбедени и за повозрасната популација со дијабетес.
Зоран Стојковски кој е дел од здруженијата на лица со дијабетес за Студио 10 вели дека и по три години и натаму се чека и ги потстети здравствените власти на ветувањата, но и директно го повика актуелниот министер Сашо Клековски.
Зоран Стојковски – Здружение T1D.Македонија: „Значи ние зборуваме за право. Не зборуваме за луксуз. Зборуваме за нешто кое министерството за здравство особено овој министер, бидејќи веруваме во него, знаете како пред секои избори доаѓаат претставници од ваму и таму каде што важни луѓе од партијата која што е на власт ветија дека ако дојдат на власт веднаш ќе обезбедат сензори – не е за тоа што ветиле, едноставно мора да имаат должност кон своите граѓани“.
Од Министерството за здравство велат дека се работи на проширување на бројот и опфатот на лицата со тип 1 дијабет со вакви сензори во рамки на расположливите буџетски средства.
Претходната јавна набавка е склучена во 2026 година и важи до 2028 година. Во меѓувреме велат со сензори се обезбедени сите лица со тип 1 дијабет до 25-годишна возраст, бремените жени, слепите лица и лицата со најтешки компликации и коморбидитети, со што велат се опфатени најранливите категории на пациенти.
Министерство за здравство: „Со јавната набавка во 2026 година, зголемени се овие количини и се обезбедени сензори за 800 лица. Исто така, со јавната набавка во 2025 година првпат се обезбедени инсулински пумпи без катетер за 15 деца со тип 1 дијабет. Моментално, околу 400 корисници со тип 1 дијабет користат инсулинска пумпа, со приоритет на децата. Во 2025 година се набавени квалитетни глукомери за сите 45.000 лица со дијабетес мелитус кои се на инсулинска терапија. Министерството за здравство останува отворено за комуникација со пациентските организации и ќе продолжи со напори за подобрување на грижата за лицата со дијабетес“.
Според статистиките во Македонија има околу 4.000 лица со дијабетес тип 1….. Современите сензори за дијабетичарите се од големо значење за нивниот секојдневен живот – со нив се обезбедува подобра контрола на шеќерот,но и навремен аларм за здравствената состојба.






