Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, по кого е распишана меѓународна потерница, е фотографиран во ресторан во центарот на Будимпешта. Фотографијата ја објави на Фејсбук на поранешниот унгарски пратеник Акош Хаџази, кој наведе дека ја направил унгарски државјанин.
Хаџази го нарече Груевски близок сојузник на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан и на поранешниот министер за надворешни работи Петер Сијарто. Во објавата потсети дека Груевски во 2018 година ја напушти Македонија и избега во Унгарија, каде што доби политички азил.
„Претпоставувам, се надевам, дека новата влада едноставно заборавила“, напиша Хаџази, алудирајќи на тоа што новите унгарски власти сè уште не го решиле прашањето за статусот на Груевски.
Тој оцени дека Унгарија може значително да придонесе во борбата против корупцијата во Македонија доколку му го одземе политичкиот азил на поранешниот премиер. Во објавата наведе и дека во Македонија сè уште се на власт луѓе блиски до Груевски, поради што ги повика унгарските власти да спречат лица поврзани со поранешната власт на Орбан да ја напуштаат земјата со заштита од тамошните институции.
МАЃАР НАЈАВИ ДЕКА УНГАРИЈА НЕМА ДА ШТИТИ МЕЃУНАРОДНО БАРАНИ ЛИЦА
Прашањето за судбината на Груевски повторно се актуализираше по изборната победа на Петер Маѓар и неговата партија Тиса над Фидес на Виктор Орбан. Маѓар најави промена на политиката на Унгарија кон странски политичари кои добиле засолниште во земјата, и порача дека Унгарија нема да биде прибежиште за лица барани на меѓународно ниво. Груевски го нарече бараниот криминалец.
Маѓар ја презеде премиерската функција на 9 мај годинава. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски тогаш изјави дека доколку Груевски биде екстрадиран во Македонија, ќе оди на издржување на затворската казна.
Од Министерството за правда на крајот на мај соопштија дека постапката за екстрадиција продолжува и дека Груевски останува македонски државјанин против кого има правосилни судски пресуди.
Ова соопштение следуваше по објавите на унгарскиот истражувачки портал VSquare, кој повикувајќи се на извори во унгарската влада објави дека Груевски уште во 2022 година добил и унгарско државјанство. Оваа информација официјално не беше потврдена.
Во меѓувреме, од опозицискиот СДСМ деновиве прашаа каде е најавеното ново барање за екстрадиција. Од партијата тврдат дека, и покрај најавите на Министерството за правда во мај и промената на власта во Унгарија, барањето сè уште не е испратено.
ВО УНГАРИЈА ИЗБЕГА ВО 2018 ГОДИНА
Груевски, ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ и беше премиер од 2006 до 2016 година, избега од Македонија во ноември 2018 година, откако му беше потврдена двегодишна затворска казна за случајот со набавката на луксузниот блиндиран мерцедес.
Набргу по неговото пристигнување во Унгарија, властите му одобрија политички азил. Во јуни 2019 година, унгарски суд го одби барањето за екстрадиција со образложение дека Груевски има статус на лице со азил.
Во отсуство на Груевски, македонските судови во повеќе одделни предмети му изрекоа затворски казни. Меѓу нив се и пресуди за злоупотреба на службената положба и проневера, а во 2022 година му беа изречени казни од седум и девет години затвор.
Владата на Орбан во повеќе наврати одбиваше да го испорача поранешниот македонски премиер, кој од бегството во 2018 година живее во Будимпешта.






