Независниот синдикат на професионални војници упати остри критики кон министерот за одбрана Владо Мисајловски, обвинувајќи го за неисполнети ветувања, манипулации и одолговлекување на решавањето на статусот на професионалните војници по навршувањето на 45-годишна возраст.
Синдикатот најавува протест пред Владата на 7 ноември, со почеток во 11 часот, поради, како што тврди, долгогодишното незадоволство од состојбите во Армијата.
Во реакцијата потпишана од претседателот на синдикатот, Александар Насковски, се наведува дека последната изјава на министерот Мисајловски, со која најавил решавање на статусот на професионалните војници и зголемување на платите од 1 јануари, претставува уште едно во низата ветувања кои, според синдикатот, со месеци остануваат неисполнети.
Денешната изјава, наводно спонтана, на министерот за одбрана Владо Мисајловски е класична лага и манипулација на јавноста, на професионалните војници и на припадниците на Армијата, се наведува во соопштението.






