Некогаш есента мирисаше на ајвар, печени пиперки и на полни тегли туршија. Денеска, пред да се фатат за работа, домаќинките прво мора да ја направат сметката. Само килограм карфиол чини колку килограм пилешко на акција, а зеленчукот за зимница на Зеленото пазарче во Скопје достигнува цени што ги тераат граѓаните да купуваат на парче. Некогаш теглите со туршија беа задолжителен дел од секоја зимница. Денеска, за да се наполнат, потребни се сè повеќе пари. Земјоделците, пак, се жалат дека скапите репроматеријали им ја јадат заработката уште пред да почнат со производство.
Некогаш есента беше време кога домаќинствата купуваа вреќи пиперки, гајби домати, корнишони и зелка, па се подготвуваа ајвар, туршија и зимница. Денеска, наместо да се мисли колку тегли да се наполнат, сè почесто се пресметува колку пари ќе останат по пазарувањето. Туршијата станува скапа работа. За многу семејства е вистински луксуз со оглед на цените на зеленчукот што треба да се стави, а некои воопшто не ја ставаат затоа што нема кој да ја јаде.
Обиколката на весникот ВЕЧЕР на Зеленото пазарче во Скопје покажа дека килограм црвени домати чини од 100 до 180 денари, зелените домати за туршија од 60 до 120 денари, а зелените пиперки се продаваат за 80 денари. Корнишоните чинат од 80 до 100 денари, краставиците од 50 до 70 денари, компирот е 50 денари, а морковот за туршија од 50 до 60 денари за килограм. Цвеклото е 60 денари, црвениот кромид 70, а жолтиот 50 денари.
Но, вистинскиот удар по џебот доаѓа кај карфиолот и брокулата, кои чинат по 200 денари за килограм, додека карфиолот вчера се продаваше од 160 до 170 денари. За продолжениот викенд, според кажувањата на пазарџиите, неговата цена достигнала и од 220 до 250 денари за килограм. Такви цени, велат граѓаните, имало и на пазарчињата во Струга и во Охрид.
На Кванташкиот пазар, дел од производите се продаваат по значително пониски цени. Компирот чини од 30 до 35 денари, морковот 25, цвеклото 20, а зелката од 25 до 30 денари за килограм. Зелениот домат е од 40 до 45 денари, корнишоните од 55 до 60, а карфиолот 160 денари. Разликата е очигледна: цвеклото на Кванташкиот е 20 денари, а на Зеленото пазарче 60 денари; компирот е од 30 до 35 денари на големо, наспроти 50 денари на мало. Сепак, не станува збор секогаш за ист квалитет и вид производ, а на Кванташкиот стоката најчесто се продава на големо. Но, за граѓаните што купуваат на мало, крајната сметка е таа што се брои.
Кој ќе им ја јаде туршијата?
Пензионерот Стоиле Димовски го затековме како долго размислува пред да одлучи што ќе купи од една тезга на Зеленото пазарче во Скопје. Го прашавме дали му изгледаат реално цените.
– Видете – ни рече тој – да не бидам погрешно разбран, цените се реални за голем град како Скопје. Деновиве бев во еден град во внатрешноста, таму карфиолот беше од 50 до 100 денари за килограм, а овде стигна до 200, па и до 250 денари. Ама тоа е, и овие луѓе овде што продаваат мораат нешто да заработат, затоа што живејачката во Скопје е многу скапа. На тој што кажува дека му е скапо, нека ја продаде куќата или станот во Скопје и нека замине, на пример во Раштак, ем близу е до метрополата ем ќе може сам да си произведува.
Валентина од Горно Лисиче на тезга на Зелено пазарче во Скопје
Од друга страна, продавачката Валентина од Горно Лисиче вели дека продажбата е подобра за викендите, додека во работните денови муштериите се поретки. Според неа, сè помалку луѓе се занимаваат со земјоделство, а трошоците за работа се големи.
– Од ова што го гледате на тезгите, нешто е наше производство, нешто земаме од Стајковци, Лисиче или од Водно. Младите не сакаат да работат земјоделство, избираат поплатени работни места, а како што знаете, многу и си заминаа од државата. Па дома останува по еден или двајца. Затоа и не се става туршија како порано, кој ќе им ја јаде? Дури и многу мои редовни муштерии купуваат по еден морков, по два домати, една краставичка, велат доволно им е за еден ден. А трошоците ни се големи. Еве, јас имам закупено три тезги и за нив плаќам 18.000 денари месечно, а каде е тука годишниот данок што го плаќаме? Гледате дека има многу празни тезги на пазаров, затоа што им е неисплатливо – ни рече Валентина.
Споредба што ја направи весникот ВЕЧЕР најдобро ја покажува скапотијата: според вчера објавените малопродажни цени во скопските маркети, цело свежо пиле на акција чинеше околу 135 денари за килограм, а свинскиот бут без коска на акција беше за 279 денари. Тоа значи дека за килограм карфиол од 200 денари може да се купи повеќе од килограм пилешко по промотивна цена, а разликата до килограм свински бут е само 79 денари. Замислете, зеленчукот што треба да се најде во теглите за зимата станува поскап од месото што треба да заврши на трпезата. Секако, цените зависат од маркетот, видот на месото и од акциите, но споредбата доволно зборува за тоа колку чини подготовката на зимница.
Земјоделецот плаќа скапо, граѓанинот купува поскапо
Националната земјоделска мрежа предупредува дека проблемот почнува уште пред да биде насадена првата пиперка. Според нивната анализа, маржите кај пестицидите достигнуваат од 35 до над 80 проценти од крајната цена, кај семенскиот материјал за градинарство почнуваат од 37 проценти, додека даноците, акцизите, маржите и еколошките такси зафаќаат околу 48 проценти од цената на горивото на пумпа.
Од Мрежата реагираат и за предвидената заработка од 25 проценти над производствената цена.
– Законодавците и креаторите на политики ни нудат или предвидуваат гарантирана законска добивка од 25 % над производствената цена. Дали има ова каква било економска логика? Трговците со репроматеријали си гарантираат маржи од 30 до 80 проценти уште пред да насадиме ништо. Државата зема речиси 50 % од цената на горивото преку акцизи и даноци. А земјоделецот, кој го сноси целиот ризик од климатските непогоди, болестите, сушата и деноноќниот труд, треба да биде „задоволен“ со 25 проценти – прашуваат од Националната земјоделска мрежа.
Со гарантирани 25 проценти добивка над производствената цена, велат дека земјоделците не може да ги покријат ниту трговските маржи и давачки за основните репроматеријали и енергенси, а камоли да обезбедат егзистенција за семејствата и за развој на производството.
Проблемот го потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика. Во август 2026 година, вкупните трошоци за земјоделските инпути биле повисоки за 7 проценти во споредба со тој месец лани, а енергијата, горивата и мазивата поскапеле за 15,8 проценти. Во исто време, цените на растителното производство биле пониски за 2,4 проценти, а зеленчукот поевтин за 6,4 проценти на годишно ниво.
На крајот, приказната за карфиолот од 200 денари не е само приказна за еден скап продукт. Таа е слика на секојдневието во кое граѓаните пресметуваат дали може да си дозволат зимница, продавачите се борат со трошоците, а земјоделците се прашуваат дали вреди повторно да ја обработуваат нивата.
Запленети два тона храна од зелениот пазар во Ченто
Околу два тона небезбедна храна од различен вид се запленети при вонредна инспекциска контрола на зелениот пазар во скопската населба Ченто. Акцијата била спроведена вчера од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Комуналната инспекција на Град Скопје и со Државниот пазарен инспекторат.
Инспекторите утврдиле дека храната се продавала надвор од местата предвидени за продажба во рамките на пазарот, и тоа во нехигиенски услови. Ваквиот начин на чување и на продажба ја доведува во прашање безбедноста на производите и го зголемува ризикот за здравјето на граѓаните што ги купуваат.
Запленетата храна е отстранета од промет, а надлежните инспекциски служби најавуваат продолжување на контролите и преземање мерки во рамките на своите законски надлежности. Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат дека ќе продолжат засилените инспекциски контроли и во наредниот период, самостојно и во координација со другите институции. Целта е да се спречи продажбата на небезбедна храна и да се обезбедат соодветни услови за нејзино складирање и промет.
АХВ упатува апел до сите што продаваат храна да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат хигиенски услови при ракувањето, чувањето и продажбата на производите.
https://www.vecer.press/turshijata-stanuva-luksuzilo-karfiol-kolku-kilo-pileshko/






