Јавен долг на праг од 60 проценти за држава која што се наоѓа на ниво на економски развој како Македонија треба да претставува сериозен сигнал за загриженост и треба да се послушаат препораките на меѓународните финансиски институции и да одиме на фискална консолидација со која ќе се намалуваат дефицитите и ќе се намалува јавниот долг, рече Кирил Миноски, поранешен министер за финансии, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Факт е дека ние и во иднина ќе треба да продолжиме да се задолжуваме, меѓутоа едно сериозно прашање е што финансираме со тоа задолжување, кои се наши приоритети и дали ние сме фокусирани на структурни промени во економијата кои што евентуално ќе донесат поголеми стапки на раст за да можеме и полесно да се раздолжуваме“, вели Миноски.
Според Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ, се важни два параметра за јавниот долг за што ги посочи релативната задолженост и апсолутниот износ на задолженост.
„Особено клучно е дали задолжувањето или растењето на јавниот долг во суштина генерира додадена вредност за вашата економија. Ние во овој момент како државата се наоѓаме во ситуација да не го намалуваме јавниот долг ниту за еден денар, затоа што само го рефинансираме. Сите стари задолжувања се рефинансираат со ново задолжување“, рече Битиќи.
Според него, во одреден момент мора да се даде приоритет. Дали тоа, како што вели, „е заштита на стандардот или здравјето на граѓаните, како во времето на ковид кризата, енергетската криза или економската криза или ќе направите нешто трето“.
„Економијата во овој момент во суштина или стагнира или назадува, се губи конкурентноста. И прашањето ќе биде дали за пет години нашата економија ќе биде конкурентна да може нешто да направи или преживее“, додаде Битиќи.






