Вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на буџетот, туку е одговор на променетите економски услови со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина – рече денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Овој ребаланс, напомена, е потребен за навремено усогласување на буџетските проекции со новите економски услови и реалните текови во економијата до крајот на годината.
– Вториот ребаланс е навремена реакција на новите економски услови, но и потврда дека јавните финансии ги управуваме одговорно и со јасни приоритети. Обезбедуваме стабилен буџет, редовно финансирање на сите обврски и заштита на граѓаните. Правиме корекции онаму каде што се неопходни, штедиме таму каде што можеме, но продолжуваме да инвестираме таму каде што е најважно за идниот економски раст. Овој ребаланс не е чекор назад. Тој е навремена адаптација на буџетот на новите услови и потврда дека остануваме посветени на стабилни јавни финансии, заштита на животниот стандард и продолжување на економскиот раст – истакна Димитриеска-Кочоска на прес-конференција во Владата.
Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.
– Изминатиот период глобалната криза донесе нови предизвици, особено преку растот на цените на енергенстте и зголемените ценовни притисоци. Кога во јули го подготвувавме првиот ребаланс, процените беа дека состојбата на меѓународните пазари постепено ќе се стабилизира. Во меѓувреме, за жал, се случи спротивното. Геополитичката криза се продлабочи, цените на енергентите продолжија да растат, а Владата реагира со конкретни мерки за да го ублажи ударот врз граѓаните и економијата. Потврда дека мерките се наврмени и добро одмерени е тоа што инфлацијата е стабилизирана (намалена), што значи дека нема прелевање на високите цени на нафтата врз другите производи и услуги – истакна Димитриеска-Кочоска.
Како што потенцира, намалувањето на акцизите на горивата и намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти имаат единствена јасна цел – да се заштити животниот стандард на граѓаните и да им се помогне на компаниите полесно да се справат со ценовниот шок.
– Но, овие мерки имаат директен ефект и врз буџетските приходи. Токму затоа со вториот ребаланс ги усогласуваме приходите и расходите со реалните економски текови и обезбедуваме стабилно функционирање на буџетот до крајот на годината. Сакам јасно да нагласам: вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на Буџетот. Тој е одговор на променетите економски услови, со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина, подвлече министерката.
Осврнувајќи се на клучните параметри, информира дека вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции.
– Ова намалување во најголем дел е резултат на променетите услови на пазарот на енергенси и мерките што ги презедовме за заштита на граѓаните и економијата. Истовремено, остварувањето на приходите во текот на годината покажува позитивна динамика. Кај даночните приходи, со ребалансот е направена умерена корекција, од 213,3 на 209,8 милијарди денари, односно намалување од 1,6 проценти. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Причината е намалувањето на акцизите на бензините и дизелот, мерка со која директно го ублажуваме влијанието од растот на цените на нафтените деривати врз граѓаните и компаниите. Тоа значи помал приход за Буџетот, но истовремено и директна поддршка за граѓаните и економијата, рече министерката.






