Потрошувачите сè почесто забележуваат дека производите што со години ги купуваат стануваат помали, иако нивната цена останува непроменета или дури се зголемува.
Оваа појава е позната како „шринкфлација“ – намалување на количината на производот без соодветно намалување на неговата цена.
Според германската организација за заштита на потрошувачите од Хамбург, во текот на 2025 година биле регистрирани 77 нови производи со вакви промени, а просечното зголемување на цената по единица мера изнесувало 28,4 проценти.
Еден од највпечатливите примери е чоколадата „Милка Алпенмилх“, чие пакување во Германија било намалено од 100 на 90 грама, додека цената пораснала од 1,49 на 1,99 евра.
Тоа претставува реално поскапување од дури 48,4 проценти по килограм.
Слична промена е забележана кај пакувањето „Милки веј“, каде што бројот на чоколатца бил намален од девет на пет.
И кај познатите „Краш чоко наполитанки“ во Хрватска пакувањето од 500 грама било заменето со 430 грама, додека помалото се намалило од 250 на 215 грама.
Од компанијата објасниле дека нивните продажни цени биле соодветно намалени, па цената по килограм во нивните продавници не пораснала.
Промени се забележани и кај одредени сладоледи, чаеви, замрзнати производи и капсули за машини за садови.
На пример, сладоледот „Кинг дабл“ од 110 милилитри во каталогот од 2016 година денес се продава и во пакување од 100 милилитри.
Експертите советуваат купувачите да не ја гледаат само цената на пакувањето, туку задолжително да ја проверуваат и цената по килограм или литар.
Наведените примери се од германскиот и хрватскиот пазар и не значат дека истите промени важат и во Македонија.
Сепак, пораката за потрошувачите е јасна: помалото пакување не мора да значи и пониска цена.






