Во правната наука и во политичката теорија често се зборува за разнебитеност на системот, за колапс на институциите, за лоши закони што имаат цел да амнестираат криминал на високите функционери или на бизнис-тајкуните, за комплетна партизација и за енормна корупција.
Но, постои една подлабока, потивка и далеку поопасна димензија на пропаѓањето на нашето општество што ретко ја ставаме на маса. Тоа не е отворениот криминал, ниту директниот политички притисок, тоа е тишината на оние што најдобро знаат што се случува — тишината на правната фела.
Каде исчезна професионалниот пркос?
Ако ги погледнете судските ходници, универзитетските амфитеатри, адвокатските канцеларии и обвинителските бироа, ќе забележите една чудна константа: сите приватни разговори изобилуваат со апсолутно точни дијагнози за она што ни се случува. Сите знаат кој закон е напишан со задна намера, која истрага е по нарачка, поради што не се поведува определена постапка, кој судски предмет е правна бесмислица, која судска одлука е срам за професијата, каде се кршат основните човекови права, каде почнува клиентелизмот и каде завршува полтронството. Но, штом се отворат вратите и треба да се истапи во јавност, дијагнозата станува шепот, а шепотот преоѓа во молк.
Правната заедница – судиите, обвинителите, професорите и адвокатите – постепено ја прифати улогата на пасивен набљудувач на сопствената деградација. Сите чекаат „некој друг“ да го повлече првиот потег. Судиите чекаат Здружението на судии да соопшти нешто безлично или да се огласи исполитизираниот Судски совет, обвинителите чекаат системска реформа од оние што ја создале кризата, академијата чека да поминат изборните циклуси за да не се замери со идната власт, во меѓувреме примајќи го подмладокот на постојната гарнитура, а дел од адвокатурата се задоволува со бркање рокови и со личен комфор.
Но, вистината е немилосрдна, загубата на интегритетот не доаѓа секогаш со активна корупција, таа најчесто доаѓа со молчење.
Кога ќе премолчи очигледен притисок за да си ги зачува мирот и позицијата, судијата не е само жртва – тој станува соучесник. Кога ќе прифати да не поднесе обвинение или ќе поднесе анемичен и нарачан обвинителен акт за да не бранува, обвинителот свесно го урива темелот на правдата. Кога ќе премолчи за уставен или за законски аматеризам од страв да не ги загуби хонорарите од проектите или државните комисии, универзитетскиот професор ја изневерува и предава науката. Кога ќе премолчи очигледно кршење на постапката или сурово правосудно силеџиство, свесно сведувајќи ја одбраната на формалност за да не му се замери на судијата или за да си го наплати хонорарот, адвокатот директно ја предава довербата на оној што го застапува. Со тоа, тој го аминува разурнатиот систем и дозволува да владеат клиентелизмот и полтронството. Секој таков компромис кај бранителот е подеднакво опасен како и притисокот врз судијата или нарачаното замижување на обвинителот.
Интегритетот на една професија не се брани со флоскули за „независност“ и „автономија“ напишани во кодекси што никој не ги чита. Тој се брани во моментот кога е најтешко – кога одлуката да се каже „не“ носи личен или професионален ризик.
Без тој пркос, правната професија го губи своето суштинско општествено значење и се сведува на обична занаетчиска услуга. А, кога ќе стане правото сува занаетчиска процедура лишена од етика и пркос, тогаш законите веќе не го штитат граѓанинот, туку стануваат само инструмент за легализација на моќта.
Време е фелата да престане да чека спасители однадвор или системски реформи од оние што живеат од дефектите на системот. Правдата не ја носат законите на хартија, туку луѓето што имаат храброст да ги спроведат, бранат и применуваат без страв и без приклонување. Секој молк денес е само уште една тула во ѕидот на утрешната неправда.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)






