Во вторникот, Европската комисија претстави нови правила за идните проширувања на Европската Унија.
Земјите-кандидати би се интегрирале во европските политики и програми во порана фаза, додека Унијата би добила посилни заштитни механизми за справување со ситуации во кои некоја нова членка би можела да отстапи од своите обврски по пристапувањето. Новите членки би го задржале правото на вето, заедно со доброволна обврска да не го користат за своите билатерални спорови.
Црна Гора, која има за цел да ги заврши преговорите до крајот на годината, би била првата земја опфатена со новата рамка.
Уште пред да станат полноправни членки, земјите-кандидати би добиле пристап до делови од системот на ЕУ: единствениот пазар, програмите и агенциите, како и до енергетските, транспортните и дигиталните мрежи.
Како примери за придобивките за граѓаните, Комисијата ги наведува Единствената област за плаќања во евра (SEPA) – во која веќе учествуваат Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија – како и роамингот по домашни тарифи, за чие проширување кон Западен Балкан Советот на ЕУ одобри преговори во јуни.
Овој пристап е условен од напредокот во подготовките, подготвеноста во одредени области и стратешкото усогласување со Унијата.
Според документот, ова подразбира целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика – особено во однос на санкциите – област во која усогласеноста на кандидатите сè уште е недоволна. Интеграцијата е „реверзибилна“ – пристапот може да биде суспендиран или повлечен доколку не се исполнат обврските, под услов мерката да е пропорционална и ограничена на конкретната област во која постои проблемот.
По завршната меѓувладина конференција, а пред потпишувањето на договорот за пристапување, на земјите-кандидати ќе им се додели право на информирање и консултации, како и статус на набљудувач, согласно договорените правила за присуство на состаноците на Европскиот совет, Советот на ЕУ и нивните подготвителни тела.
По потпишувањето, Европскиот парламент може да покани набљудувачи од парламентот на земјата што пристапува, а Комисијата ќе разгледа можност за структурирано политичко учество во нејзината работа. Во ниту еден од овие случаи набљудувачите нема да имаат овластувања за одлучување.
Остануваат на сила три постоечки клаузули – за економија, за внатрешен пазар и за правда и внатрешни работи – но со продолжен рок на важност. Претходно, тие можеа да се активираат во рок од три години од пристапувањето; сега Комисијата предлага „значително“ подолг временски период, со можност за продолжување под утврдени услови.
Во документот не е наведен точниот број на години. Мерките мора да бидат насочени, пропорционални, временски ограничени и предмет на судска контрола.
Новина е институционалната клаузула, која би важела 15 години по пристапувањето и би се однесувала на сериозни прекршувања на основните вредности на ЕУ и на принципот на лојална соработка. Мерките би биле насочени кон конкретната област на политика, иако во случаи на системски проблеми, тие би можеле да имаат поширок опсег – вклучително, во особено тешки случаи, и суспензија на правото на глас во Советот.
Предлогот би го поднесувале Комисијата или земјите-членки преку образложено барање; мерките би се сметале за усвоени освен ако Советот не ги отфрли со квалификувано мнозинство во одреден временски рок. Со ова се избегнува условот за едногласност предвиден во Членот 7 од Договорот за Европската унија.
„Заштитните механизми ќе се активираат само во случај на сериозни прекршувања – односно дејствија спротивни на владеењето на правото, демократијата и нашите вредности – а тоа важи подеднакво и за постоечките и за новите членки. Не постои разлика меѓу земјите-членки“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос. Таа додаде дека ЕУ извлекла големи поуки од минатото и не сака да види повторување на одредени искуства. Европската комисија предлага ограничувања на правата на идните членки на ЕУ.
Според комесарката Марта Кос, тоа не значи дека идните членки ќе имаат поинаков статус во рамките на Унијата.
„Сите земји-членки – и ова особено го нагласувам – ќе уживаат еднакви права. Истото важи и за новите членки; не сакаме членство во две нивоа. За да се приклучат кон нашата Унија, земјите мора да исполнат многу високи стандарди во однос на владеењето на правото“, рече Кос.
„Мораме да обезбедиме тие никогаш повеќе да не паднат под тие стандарди по пристапувањето. Тоа е она што го научивме од минатите искуства. Станува збор за наша заштита.“






