Случувањата на Блискиот Исток повторно ги раздвижија берзите, а растот на цените на нафтата, струјата и гасот отвора потреба од нова анализа на буџетските ставки. Дел од експертите веќе укажаа дека сè поизвесна е потребата од прекројување на државната каса.
На три месеци пред крајот на годината, останува да се соберат околу две милијарди евра за да се реализираат планираните приходи. Од друга страна, од предвидениот дефицит до крајот на годината останува да се потрошат уште нешто над 100 милиони евра.
„За нас претставува предизвик бидејќи сето ова и сите мерки си имаат своја цена – како велат, бесплатен ручек нема. Така што, ќе мора да направиме најверојатно уште еден ребаланс на буџетот бидејќи само по основ на акциза проценките се дека отприлика ќе недостасуваат некаде околу пет милијарди денари. Ако на тоа се додаде и стапката на данокот на додадена вредност посебно за дизел горивото којашто е намалена доаѓаме до бројка од 7-8 милијарди денари којашто не може да биде покриена со прераспределба и ќе мора формално да се направи таков ребаланс“, изјави вчера премиерот Мицкоски.
Опозицијата, пак, со остри критики за економската политика. Од СДСМ велат дека најавениот ребаланс е потврда дека во буџетот недостигаат средства, а дополнителното задолжување, според нив, само ќе ги зголеми обврските на државата.
„Државата се задолжува. Сметката повторно доаѓа за наплата. Така изгледа економската политика на арамијата Мицкоски. Од шупливо во празно. Исто како дипломатијата. Ребалансот што го најави за овој месец е признание, не победа: буџетот веќе е пократок за 7 до 8 милијарди денари. Па дупката ќе ја крпи со нов план и со нов кредит. Поевтинувањето на бензинот е цената што граѓанинот ја плаќа двапати“, велат од СДСМ.
Ако нема ребаланс следната недела, Владата ќе мора да бара простор со пренамена на веќе планираните средства. Телма праша дали ова прашање ќе се најде на следната седница во вторник, но од владината прес-служба велат дека засега нема таква информација.
Дали ќе има ново прекројување на буџетот или ќе се бара решение со пренамена на средствата, треба да биде познато во следните денови.






