Со денови ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се препукуваат околу тоа, кој треба да го разјасни скандалот со набавката на хеликоптери во времето на министерката Славјанка Петровска.
Откако Филипче јавно праша дали учеството на Петровска во платформата што бара реформи од СДСМ е поради обид да се спаси од скандал со потпишување на договор за набавка на хеликоптери кој бил за 37 милиони евра поскап од првичната одлука на комисијата, од владејачката партија му бараат да достави докази.
„Од кога знае за овој скандал поврзан со Петровска и дали има намера да достави докази во обвинителството или и ова ќе биде само за замајување на јавноста?“ – праша Бране Петрушевски од ВМРО ДПМНЕ.
Од СДСМ им враќаат дека архивата на докази е во институцијата со која тие сега раководат, а нивните постојани пријави се без резултат.
„Разликата во цената за хеликоптерите е во Министерството за одбрана. Таму имате министер. Имате обвинител, имате полиција. Кога ќе го проверите тоа, проверете го и оној тендер за железницата, 1,6 милиони за Ќуркчиев. И оној аванс за Платформа 2.0“ – реагираат од СДСМ.
Станува збор за контроверзиите околу договорот за набавка на хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ за потребите на армијата, за кои тогашната министерка за одбрана Петровска тврдеше дека се целосно исправни и донесени од стручен тим.






