Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вечерва во Струмица изјави дека пред државата и ВМРО-ДПМНЕ претстојат бројни предизвици, а младите треба да имаат активна улога во процесите што следуваат.
-ВМРО-ДПМНЕ е најсилна и најобединета од своето основање и во тој дух и таа енергија треба да продолжи. Во овој момент постои ажурирање на членството, како и прием на нови членови. Вратите се широко отворени – порача Николоски.
Во однос на економските движења, Николоски посочи дека Македонија, според него, бележи економска и политичка стабилност.
-Растеме во економијата. Во вториот квартал имавме раст од 4,3 отсто, што е трет највисок раст во Европа. Политички сме стабилни, имаме стабилна Влада поддржана од огромно мнозинство во Собранието и ги реализираме проектите кои ги ветивме – изјави Николоски.
Тој додаде дека Владата, како што рече, го чува достоинството на македонскиот народ и на граѓаните кои ја поддржале.






