Големата акција пред два дена во Прилеп резултира со претрес на уште една, 37-ма локација и засилено присуство на полицијата во Прилеп, соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. Кривична пријава добија 21 лице, но не се опфатени четворицата осомничени полицајци за кои е надлежна внатрешната контрола на МВР. Од осомничените, 14 добија притвор до 30 дена, а четири куќен притвор. Парите, над 50.000 евра од последната претресена локација се најдени во банкарски сеф.
Истрагата продолжува и не е исклучено да бидат осомничени нови лица. Засиленото полициско присуство го објаснува со воспоставувањето конекција со граѓаните. Ќе бараат соработка и од сопственици на угостителски објекти кои можеби имале искуство со осомничените кои над 15 години ја воспоставувале мрежата на продажба и дистрибуција на дрога.
По големата акција која се спроведе во Прилеп и во Скопје и Струга, Јанев вели дека моменталната безбедносна состојба во Прилеп е поволна.
Истрагата продолжува, а може да открие нови моменти за долгогодишната криминална мрежа во Прилеп.






