СДСМ реагира дека пораката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Скопје ги потврдува ставовите на партијата дека европската интеграција на земјата не значи загрозување на македонскиот јазик и идентитет.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, Фон дер Лајен порача дека Северна Македонија „ѝ припаѓа“ на Европската Унија и дека Европа ќе ја пречека со својот идентитет и јазик. Таа истовремено посочи дека земјата треба да го направи клучниот чекор за отворање на првиот кластер во пристапните преговори.
„Европа ја пречекува Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Културата и јазикот ја прават Унијата побогата“, наведува СДСМ во реакцијата по посетата на Фон дер Лајен.
Од опозициската партија оценуваат дека со ова се потврдува нивниот став дека европскиот процес не претставува закана за македонскиот идентитет и јазик, туку дека клучното прашање за напредокот во интеграциите е исполнувањето на условите поврзани со пристапниот процес.
СДСМ во реакцијата потсетува и на претходните ставови на премиерот Мицкоски и на функционери од власта во однос на Преспанскиот договор, НАТО и прашањето за идентитетот, оценувајќи дека нивната позиција денес е различна од реториката што ја користеле пред доаѓањето на власт.
Партијата тврди дека чекорот што го бара Европската Унија не е поврзан со македонскиот јазик или идентитет, туку со реформите во областа на владеењето на правото, судството, обвинителството и борбата против корупцијата.
Европската комисија го определува кластерот „Основи“ како темел на пристапните преговори. Тој опфаќа области како владеење на правото, демократски институции и фундаментални права, а напредокот во овој кластер има влијание врз целокупното темпо на преговорите.
Северна Македонија ги започна пристапните преговори со ЕУ во 2022 година, а скрининг-процесот беше завршен во декември 2023 година. Европската комисија во јули 2023 година го достави до Советот извештајот од скринингот за кластерот „Основи“, со мерила за негово отворање.
СДСМ во денешната реакција повторно ја обвинува Владата дека го блокира европскиот пат на земјата и тврди дека одложувањето на отворањето на кластерот нема врска со заштитата на македонскиот идентитет, туку со политичката одлука на власта да не го направи потребниот чекор во европскиот процес.
Посетата на Фон дер Лајен на Скопје доаѓа во момент кога европската интеграција повторно е во центарот на политичката дебата во земјата. Таа во Скопје порача дека вратата на ЕУ е отворена, но дека Северна Македонија треба да го направи потребниот чекор за да продолжи процесот.






