Органското производство треба да се развива како современа економска дејност што создава повисока додадена вредност и поголеми приходи за производителите, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
Тој денеска во Куманово ги отвори деветтиот Меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза 2026“ и петтиот Меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АгроМак 2026“.
Серафимовски истакна дека органското земјоделство бара знаење, следливост и одговорност кон животната средина и здравјето на луѓето. Според него, органските производители треба да имаат систем што ќе го препознае дополнителниот труд и ќе ги заштити од погрешно декларирани производи и нелојална конкуренција.
Министерот посочи дека политиките на Министерството се насочени кон засилена контрола, сигурна сертификација, потврден квалитет и поголема видливост на домашните органски производи.
Тој нагласи дека современата механизација, дигиталните решенија, прецизното наводнување и опремата за преработка им овозможуваат на производителите порационално да ги користат ресурсите, да ги намалат загубите и да создаваат производи со повисок квалитет.
Организатори на „Органска трпеза 2026“ и „АгроМак 2026“ се здружението „Живот“, Комората на органски производители на Македонија и Општина Куманово. На манифестациите учествуваат производители, изложувачи и гости од земјата и од странство.






