Финската полиција отвори прелиминарна истрага за серија сомнителни упади во домовите на пратеници, главно во Хелсинки. Во пријавените случаи ништо не беше украдено или оштетено, но пратениците забележаа промени што укажуваат дека некој влегувал додека тие биле отсутни.
Претседателот на парламентот, Јуси Хала-ахо, денеска потврди дека бројот на сомнителни случаи е значителен, без да соопшти точна бројка. Според него, пријавените настани опфаќаат подолг период, а првиот веројатно се случил пред околу една година.
Тој нагласи дека засега нема информации за сторителите или за мотивот. Полицијата во Хелсинки соопшти дека работи со Националното истражно биро и дека постапката е во рана фаза.
Според финскиот јавен сервис „Иле“, дел од пратениците затекнале отворени врати или запалени светла што не ги оставиле во таква состојба.
Премиерот Петери Орпо кажа дека е можно зад упадите да стои странска сила, но таква поврзаност засега не е утврдена. Тој порача дека случајот се третира сериозно и предупреди на ризикот од мешање во изборните процеси.
Претседателот Александар Стуб изрази поддршка за пратениците.
„Напад врз пратеник е напад врз демократијата“, кажа тој, нагласувајќи дека такви постапки не смеат да се прифатат.
Сите пратеници добија препорака да бидат внимателни, да пријавуваат сомнителни појави и, кога е потребно, да поднесат пријава во полиција.






