Францускиот премиер Себастијан Лекорни денеска свика кризен состанок бидејќи растечките студентски протести поради условите во училиштата се проширија низ целата земја и во некои случаи станаа насилни, јавува ДПА.
Се очекува неколку министри да разговараат за ситуацијата во средните училишта по повеќедневните протести со кои се бара повеќе средства и персонал.
За време на вчерашните протести уапсени се над 600 лица врз основа на обвинувања за палење и напади врз полицајци.
Протестите утрово се проширија на универзитетите, а беа пријавени блокади на околу 30 кампуси, пренесе студентскиот сојуз Union Étudiante.
На други места денеска многу ученици мирно демонстрираа поради дотраените училишни згради, преполните училници и недостаток на наставници, додека насилство и вандализам беа пријавени во други области, пренесува ДПА.

На многу места беа запалени контејнери за ѓубре и фрлани беа петарди, додека влезната сала на средно училиште во западниот град Нант беше запалена.
Медиумите, исто така, објавија напади врз автобуси и автобуски станици. На неколку места каде имаше насилни протести полицијата употреби солзавец против демонстрантите, јави ДПА.






