домаМакедонијаЈаболката скапуваат на нивите, откуп 4 денари, а берачите од Албанија бараат...

Јаболката скапуваат на нивите, откуп 4 денари, а берачите од Албанија бараат 2.500 денари дневно

- Advertisement -spot_img

Почна бербата на јаболката во Преспа, но овоштарите и годинава се соочуваат со низа проблеми кои сериозно ја доведуваат во прашање исплатливоста на производството. Ниските откупни цени, недостигот од работна сила и зголемените трошоци за берба, препарати за заштита и ѓубрива се главните предизвици со кои се соочуваат производителите. Поради неповолната економска пресметка, дел од нив се принудени да го остават родот во овоштарниците бидејќи приходите што би ги оствариле од продажбата не ги покриваат ниту трошоците за берење и транспорт.

Особено неповолна е состојбата со индустриското јаболко, за кое откупната цена изнесува само 4 денари за килограм. Поради ниската цена и слабата побарувачка, производителите велат дека не им се исплати да ангажираат работници, да ја организираат бербата и да го транспортираат родот до откупните пунктови. Така, и покрај вложениот труд и финансиски средства во текот на целата година, дел од јаболката остануваат да скапуваат.

Дополнителен проблем е недостигот од берачи, кој станува сè поизразен од година во година. Работна сила тешко се наоѓа во земјава, а оние што се подготвени да работат, бараат повисоки дневници. Поради тоа, овоштарите сè почесто ангажираат сезонски работници од странство, пред сè од Албанија. Според производителите, годинава берачите од соседната земја ја зголемиле дневницата, па наместо досегашните десет часа, работат по осум часа дневно за 2.500 денари.

Ова е значителен трошок за производителите, но бербата мора да се организира навреме, а на поголемите површини не е можно целото производство да се собере само со семејна помош. Дополнително, во некои случаи овоштарите треба да обезбедат и сместување и храна за сезонските работници, што дополнително ги зголемува вкупните трошоци.

– Не сме задоволни од понудените откупни цени, кои за сортата ајдаред се движат од 18 до 20 денари за килограм, 25 денари за црвен и златен делишес, грени смит и други сорти, а само четири денари за индустриско јаболко. Овие цени не ги покриваат трошоците за препарати за прскање, ѓубрива, работна рака и сè друго што е потребно за производство, а кои се значително повисоки во споредба со лани. Имаме проблем со индустриското јаболко поради малата побарувачка и ниската откупна цена. Никој не сака да го бере бидејќи не се исплати да ангажираш работници и да платиш транспорт до откупните пунктови за толку ниска цена – за весникот ВЕЧЕР изјави Владимир Лабачевски, сопственик на овошни насади.
Тој посочува дека, поради тешкотиите со обезбедувањето берачи, на заинтересираните им нуди можност самите да дојдат и да наберат јаболка од неговиот овоштарник.

– Оние што имаат помали површини сами си ги берат јаболката, со помош на роднини и пријатели. Но, оние што имаат поголеми површини и повеќе хектари под јаболка мораат да ангажираат берачи. Освен работниците од Албанија, во Преспа за берба доаѓаат и луѓе од другите градови, меѓу кои претежно има пензионери, додава Лабачевски.

Покрај високите трошоци за работна сила, оваа година овоштарите се соочуваат и со значително намален принос. Според нивните процени, производството на јаболка е намалено за околу 50 отсто во споредба со лани, главно поради доцните пролетни мразеви. Ниските температури предизвикале оштетувања на плодовите, поради што дел од родот има прстени и е мрежав, а значителен дел од јаболката наместо за свежа потрошувачка ќе заврши во индустриската преработка.

И покрај намалениот род, производителите посочуваат дека квалитетот на добар дел од јаболката е добар и очекуваат тоа да биде земено предвид при формирањето на откупните цени. Сепак, како што велат, добриот квалитет сам по себе не е доволен доколку откупните услови не овозможуваат покривање на производствените трошоци и остварување соодветна заработка.

За тешкотиите со кои се соочуваат овоштарите сведочи и Кирче Карапалевски од Националната земјоделска мрежа, кој потврдува дека недостигот од работници за берба на овошје е долгогодишен проблем.

– Во државата тешко се наоѓаат работници за берба на овошје. Доаѓаат некои берачи од Прилеп и од Битола, но во помал број. Дневниците секоја година растат, но луѓето мора да платат бидејќи не можат сами да ги наберат јаболката. Поради тоа, последниве неколку години за берба се ангажираат работници однадвор, најмногу од Албанија. Некои газди им плаќаат и по два-три оброка и обезбедуваат сместување, зависно од договорот. Родот годинава е за 50 отсто помал од лани, а има и штети од мразот, односно прстени и мрежавост на јаболката. Поради тоа, голем дел од јаболката ќе одат за индустријата – изјави Карапалевски за весникот ВЕЧЕР.
Бербата на јаболката во просек трае околу 30 дена, период во кој производителите мора да обезбедат доволно работници за навремено собирање на родот. Доколку не успеат да најдат берачи, постои опасност значителен дел од јаболката да останат во овоштарниците и да пропаднат.

Со намален принос, ниски откупни цени и сè поскапа работна сила, овоштарите повторно се соочуваат со неизвесна сезона. Наместо очекуван приход од произведеното овошје, дел од нив се принудени да пресметуваат дали воопшто им се исплати да го соберат родот. За производителите, ова отвора сериозно прашање за економската одржливост на овоштарството и потребата од поповолни откупни услови, особено за индустриското јаболко.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img