Виолинистот и пејач Никола Јанков-Коки ја објави новата песна „Пиво 9то“, за која сними и видеоспот. Песната е достапна на Јутјуб и на стриминг платформите.
„Ова е една летна, хумористична песна, лесна и забавна. Кога ми ја понудија, ми се допадна уште на прво слушање и веднаш знаев дека сакам да ја снимам“, вели Јанков.
Музичарот додава дека со песната сакал да донесе ведра атмосфера и нешто поразлично од материјалот што го објавуваше изминатиов период.
Музиката и текстот се на Дејан Тасев, а аранжманот, снимањето, миксот и мастерингот се на Дејан Георгиевски-Џене. Придружните вокали ги пее Андријана Јаневска, на електрична гитара е Горан Алиќ, а на виолина Коки Јанков.
Паралелно со новата песна, Јанков се подготвува и за концертот „30 години виолина и гитара“, кој ќе се одржи на 14 ноември во Филхармонијата. Билетите ќе бидат пуштени во продажба следната недела преку мрежата на Купи карта. Концертот е посветен на 30-годишнината од „Виолина и гитара“, песната со која Дуле и Коки победија на Макфест во 1996 и станаа популарни низ Македонија.
„Неверојатно е дека поминаа 30 години од тој Макфест, кога Дуле и јас како тотални анонимуси победивме на фестивалот со кој пораснавме како деца родени и израснати во Штип. На концертот ќе ги пееме сите песни кои некогаш ги испеа Дуле и кои секогаш ги пеевме во ист глас со публиката“, рече претходно Јанков за СМАРТ СДК.МК.
Душан Љубисављевиќ-Дуле почина на 23 септември 2013. Коки годинава објави и двоен албум со нови верзии на песните на Дуле и Коки.
М. ЏАРОВСКА






