домаМакедонијаИст лекар, иста сала, различна цена – “државно“ на чекање, “приватна“ операција...

Ист лекар, иста сала, различна цена – “државно“ на чекање, “приватна“ операција по 15 часот

- Advertisement -spot_img

Операциите по 15 часот, во државните болнички сали, а за кои докторите наплаќаат на „приватно“, со согласност со пациентот бидејќи не може да чека во „Мој термин“, повторно беа ставени под прашалник пред Уставниот суд. Подносителот на иницијативата, Дарко Тодоровски, кој оспорува неколку члена од Законот за здравствена заштита смета дека се задира во владеењето на правото бидејќи се создава конфликт на интереси. Според него, спорно е да може лекари да вршат дополнителна дејност во јавна здравствена установа каде што се вработени или во друга. На тој начин, на лекарот му се овозможува да ги користи истите простории, медицинската опрема, помошниот персонал, а притоа да врши приватна дејност за да оствари личен профит, напишал Тодоровски во иницијативата, која пред уставните судии, ја прочита судијата известител Фатмир Скендер. Сепак, Судот едногласно ја отфрли, бидејќи веќе еднаш, во 2013 година, одлучувал за ова прашање и утврдил дека докторите оперирале на приватно по закон.

– Таа дополнителна дејност е уредена со закон, со цел да не се наруши јавниот интерес, и тоа не е уставно проблематично – рече судијата Скендер на седницата.

Инаку, иницијативата на Тодоровски била на разгледување и на седница на Владата во април, оттаму ја испратиле до Уставниот суд за оцена. Забележале дека законот ќе се менува.

– Со оглед на тоа што предметната материја се однесува на прашања што се однесуваат на организација на здравствената дејност и со цел на подобар начин да биде регулирано прашањето на дополнителната дејност, Министерството за здравство е во процес на преиспитување на постојните одредби од Законот за здравствена заштита и подготовка на изменувања и дополнувања на Законот за здравствена заштита, со кои ќе бидат опфатени одредбите со кои се регулира вршењето на дополнителната дејност во здравствените установи – стои во заклучокот на Владата пред неколку месеци, кога актуелен министер беше Азир Алиу.

Оспорената „дополнителна дејност“ не е само можност лекарот да заработува дополнително, по работното време. Законот детално уредува каде може да ја врши, како се одобрува, кој договор го потпишува, кога мора да го извести директорот, како се контролира и каде завршуваат средствата. За јавната установа постои посебна наменска сметка, додека услугата во приватна установа е целосно на товар на пациентот. Така, мајка од скопско село раскажува за весникот ВЕЧЕР дека прифатиле да направат обрежување на својот деветгодишен син на приватно, бидејќи не можеле да чекаат на долгата листа за операции.

– Зафатот го направија во Градската хируршка болница, на државно беше околу 600 денари, но не можевме да чекаме поради планираната свеченост за обредот. Ни предложија по работното време, ние прифативме, плативме десеткратно повеќе – вели жената.

Во јавноста редовно се поставува прашањето: Како проверува државата дали може да се претворат долгите листи на чекање и ограничените термини во јавните клиники во пазар за приватни операции?

Според правилник донесен во Министерството за здравство, месечно треба да се утврдува кои се лекарите и колку операции се прават по работа, „на приватно“. Директорот треба да го објави тој извештај на видно место во здравствената установа.

Претходните двајца министри за здравство, Арбен Таравари и Азир Алиу, јавно објавија дека до нив стигнувале пријави за злоупотреба на дополнителната дејност, особено во хируршките гранки. Тешко болни пациенти од рак, наместо да бидат оперирани во редовен термин, добивале понуда за побрза операција за два-три дена попладне, но приватно да платат, обелодени тогашниот министер, Таравари.

Од ЕСЕ, невладина организација која истражува коруптивни форми во јавното здравство, за весникот ВЕЧЕР велат дека дополнителната дејност сама по себе не мора да биде проблем, но дека може соодветно да функционира само во добро регулиран и строго контролиран систем.

– Клучен предуслов е целосната транспарентност на листите за чекање за операции, дијагностички процедури и други здравствени услуги. Пациентите треба јасно да знаат колку реално ќе чекаат за одредена услуга во рамките на редовното јавно здравство и каде се наоѓаат на листата на чекање. Доколку не се достапни овие информации, се создава простор пациентот да биде убеден дека ќе мора да чека многу долго за услугата во редовниот систем, а дека може брзо да ја добие истата преку дополнителната дејност – без самиот да има можност да провери дали е тоа навистина така – велат од ЕСЕ.

Оттаму предупредуваат дека постои сличен ризик и кога нема достапни термини за специјалистички прегледи, бидејќи пациентот може да биде доведен во ситуација да смета дека единствениот начин навреме да стигне до истиот лекар е преку платен термин во дополнителната дејност.

– Особено е важно да не се создава систем во кој здравствениот работник или установата има финансиски интерес пациентот да не ја добие услугата навремено во редовниот јавен систем – нагласуваат од ЕСЕ.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img