Премиерот Христијан Мицкоски нема да ѝ остане должен на Вреди откако коалицискиот партнер во Владата не го поддржа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на изборот на градоначалник на Брвеница. Во неделата во оваа општина во вториот круг победи кандидатот на ДУИ пред соперникот од ВМРО-ДПМНЕ, по што владејачката партија му забележи на партнерот во Владата дека „одиграл како тројански коњ“, но и дека, сепак, тоа нема да влијае врз односите во владината коалиција.
Според висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски по враќањето од Германија, на средбата на која конечно треба да се дефинира реконструкцијата на вториот владин ешалон, лично на копретседателите на Вреди, Изет Меџити и Билал Касами, ќе им предочи дека потфрлиле на изборите во Брвеница. Меџити и Касами, пак, ќе се „вадат“ дека Мицкоски не побарал поддршка од Вреди за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според ова, средба на премиерот со коалициските партнери Меџити и Касами, но и претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, за конечен договор за реконструкција на замениците министри и на директори на владини агенции се очекува неделава.
Според функционерот што го брифираше „Слободен печат“, Мицкоски ќе им укаже на колидерите на Вреди дека би сакал владината коалиција да трае и во иднина, но и дека секој од партнерите треба да вложи повеќе во мандатот на коалицијата. Премиерот, според нашиот извор, ќе нагласи дека очекувал и на вонредните избори за градоначалник на Брвеница да биде возвратена поддршката како на локалните избори во 2025 година за општините Струга, Чаир, Тетово…
По „киксот“ на Вреди во Брвеница, функционерот на владејачката партија вели дека тие би сакале и на следните парламентарни избори Вреди да им остане коалициски партнер, но додава дека тоа, сепак, ќе зависи од резултатот на изборите. Математики се прават уште сега. Во ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека би коалицирале со ДУИ само ако партијата на Али Ахмети кадровски се реформира, но додаваат дека битно ќе биде и со колкава разлика евентуално би победила ДУИ. Ако разликата е, на пример, еден пратеник, тогаш при евентуална победа на ВМРО-ДПМНЕ коалициски партнер би останал Вреди, но ако разликата е четири-пет пратеници, тогаш се менува целата слика.
Од Вреди брифираат дека за изборите во Брвеница немало договор за поддршка меѓу владините партнери. Ова се очекува да биде клучниот аргумент на Меџити и Касами зошто гласачите на Вреди го поддржале кандидатот на ДУИ, наместо на ВМРО-ДПМНЕ.
– Премиерот не побара поддршка за нивниот кандидат за Брвеница. Немаше барање, немаше ниту договор. За локалните избори во 2025 година меѓу владините партнери имаше договор за меѓусебна поддршка во дел од општините – велат од Вреди.
Оттаму не очекуваат дека исходот од Брвеница ќе се одрази на договорот за реконструкција на вториот владин ешалон. Според Вреди, тоа веќе е договорено ним да им припаднат заменик министерските места во ресорите социјална политика и здравство.
По реконструкцијата на Владата, останаа празни заменик министерските места во ресорите социјална политика и култура, бидејќи замениците министри Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани станаа министри во тие ресори. Но, информацијата од Вреди дека веќе со Мицкоски го договориле заменик министерското место во ресорот здравство навестува дека, освен пополнување празни места, премиерот и при реконструкцијата на вториот владин ешалон планира рокади на дел од ресорите со владините партнери.
За ресорот социјална политика од Вреди се споменува заменик министерот во земјоделие Албрим Хоџа, додека за заменик министерското столче во здравство од партијата не откриваат кој им е фаворитот.
Во пресрет на реконструкцијата на вториот владин ешалон, оставка веќе поднесе заменик министерот за здравство Јовица Андоновски од Социјалистичката партија. Тој веднаш седна во директорската фотелја на Агенцијата за храна и ветеринарство, откако оставка од таа функција поднесе Оливер Миланов.
Според изјавата на лидерот Максим Димитриевски, ЗНАМ при реконструкцијата на вториот владин ешалон очекува да добие уште едно заменик министерско место.






