домаМакедонијаПлатите скокаат, ама квадратот „трча“ спринт

Платите скокаат, ама квадратот „трча“ спринт

- Advertisement -spot_img

Математиката покажува дека денес до сопствен дом се стигнува за некоја година пократко отколку пред седум години. Но, главната финта се крие во животниот трошок, кој дури двојно се зголеми во меѓувреме. Платите растеа и цените на квадратот исто така, но поскапувањето на животот целосно го изеде просторот за заштеда.

Апсурдот е во тоа што граѓаните денес имаат повисоки примања, а, сепак, потешко стигнуваат до покрив над глава. Според математиката на Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, со сегашната минимална плата од 26.046 денари (423 евра), еден градежен мајстор, кој цел ден гради згради, треба да изгради стан од 60 квадратни метри за себе со 350 плати доколку платата би била само за станот, а со пресметани рати и камати, можеби, и повеќе од 30 години на кредит.

Ако во 2019 година еден Македонец со минимална плата сонувал за сопствен стан, седум години подоцна тој сон сè уште не е лесен за остварување. Платите пораснаа, но порасна и станбениот квадрат, а во меѓувреме пораснаа и трошоците за живот.

Анализата на весникот ВЕЧЕР покажува колку е променет односот меѓу платите и цените на становите во Скопје за седум години (од 2019 до 2026 година). Пресметката ја направивме за стан од 60 квадратни метри, затоа што тоа е просечна квадратура што му е најпотребна на едно младо семејство.

Во 2019 година, според податоците од Регистарот на цени и закупнини, просечниот реализиран квадрат во последниот квартал чинел 60.121 денар (околу 978 евра) во Центар, 61.005 денари (околу 992 евра) во Карпош и 52.732 денари (околу 857 евра) во Аеродром. Ако се земе како репер просечната цена од околу 60.398 денари (983 евра) за квадрат во Скопје, стан од 60 квадрати чинел околу 3,62 милиони денари (околу 59 илјади евра).

Тогаш просечната нето-плата во Македонија била 25.213 денари, а минималната плата на крајот од годината 14.500 денари. Математиката е едноставна и покажува дека ако двајца вработени во едно семејство ставале настрана една просечна плата за стан, за 60 квадрати во 2019 година ќе им требало околу 144 месеци, односно точно 12 години. Вработен, пак, со минимална плата би требало да штеди околу 250 месеци, односно речиси 21 година.

А сега да ја ставиме истата пресметка во 2026 година. Во првата половина од годинава, просечната цена на старите станови достигнала 1.547 евра за квадрат во Центар, 1.532 евра во Аеродром и 1.523 евра во Карпош. Кај новите станови од инвеститори, во Центар просекот достигнал 1.712 евра за квадрат. За стан од 60 квадрати, ако земеме просечната цена од околу 1.530 евра за квадрат, потребни се околу 91.800 евра или приближно 5,64 милиони денари.

Во меѓувреме, минималната плата во 2026 година достигна 26.046 денари, додека просечната нето-плата во јуни изнесуваше 48.381 денар. Со денешната просечна плата, ако би можел човек да ја штеди целата, за стан од 60 квадрати би му требале околу 116 месеци, односно нешто помалку од 10 години. Со минимална плата, сметката излегува на околу 216 месеци, односно околу 18 години.

На прв поглед, ова изгледа како добра вест. Просечниот работник денес, според оваа гола математика, стигнува до стан за околу две години пократко отколку во 2019 година. И минималецот, пак, според истата сметка, има нешто пократок пат од околу 21 на околу 18 години.

Но, тука е финтата. Од платата денес треба да се платат многу повеќе работи, а најголем дел од нив поскапеле. Синдикалната минимална кошничка, која покажува колку му треба на едно домаќинство за основните животни трошоци, од околу 32.732 денари во 2019 година достигна 68.675 денари во август 2026 година. Тоа е раст од околу 110 проценти. Во исто време, минималната плата порасна за околу 80 проценти, а просечната за околу 92 проценти.

И токму тука се гледа каде е проблемот. Платите растат, но и животот станува поскап. И ако некогаш на крајот од месецот можело да остане нешто за штедење, денес тој простор за многу семејства е сè потесен. Особено за оние што земаат минимална плата. Во 2019 година, со една минимална плата од 14.500 денари можело да се купат околу 0,24 квадратни метри стан во Центар, ако се претвори целата плата во квадрат. Денес, со минималната плата од 26.046 денари може да се купат околу 0,27 квадратни метри стар стан во Центар. Значи, минималецот денес е поголем, но неговата моќ да се стигне до сопствен дом не е зголемена ни приближно колку што расте платата.

Кај просечната плата, сликата е нешто подобра. Во 2019 година, со 25.213 денари можеле да се купат околу 0,42 квадратни метри во Центар, а со денешните 48.381 денар околу половина квадрат, односно околу 0,51 квадратен метар.

А потоа доаѓа уште една ставка што обичниот купувач често не ја гледа веднаш: градежното земјиште. Кој сака да гради, мора прво да купи земја. А земјата во Скопје не чини исто насекаде. Во Центар се среќаваат процени од неколку илјади евра за квадрат, додека на периферијата, како Илинден и Миладиновци, може да се најдат огласени цени од само 20 до 25 евра за квадрат. Во Карпош, пак, за конкретни локации како Тафталиџе во плански документи се појавуваат вредности од околу 570 евра за квадрат. Разликата меѓу локациите јасно покажува зошто не може да се споредува еден квадрат во центарот на Скопје со квадрат во приградска зона.

А кога е скапо земјиштето, тоа неминовно се прелева и во цената на новиот стан. Инвеститорот не плаќа само бетон и арматура. Тука се и земјиштето, дозволите, проектите, комуналиите, работната сила, материјалите, финансирањето, даноците, ризикот од изградба, а на крајот и заработката. Затоа денес имаме ситуација во која квадратот станува сè поскап, додека граѓанинот се обидува да стигне до него со плата што, иако е повисока од пред седум години, треба да покрие и многу поскап живот.

Колку се отиде високо со цените, покажува и еден екстремен пример од Центар. Во првата половина на 2026 година е регистрирана купопродажба на стан со вкупна површина од 50 квадратни метри, од кои 46 квадратни метри се станбен простор и четири квадратни метри помошни површини, за вкупно 168.000 евра. Во Регистарот е евидентирана постигната цена од 206.640 денари за квадрат.

Кај становите од стара градба, пак, просечната цена во Центар достигнала 1.547 евра, во Аеродром 1.532 евра, а во Карпош 1.523 евра за квадрат. Кај новоградбата во Центар, просекот е уште повисок – 1.712 евра за квадрат.

Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, во објава на „Фејсбук“ токму на ова укажува. Според него, станот не треба да се гледа само како инвестиција туку и како дом, сигурност и иднина за семејството.

– Ако треба еден млад човек да работи децении за да купи 60 квадрати, тогаш проблемот не е што не знае тој да штеди. Проблемот е што платата не го следи животот, односно минималните потреби на работникот – напиша Пешевски.

Тој додава дека треба цената на квадратот да се европеизира, а платата да остане македонска. Пешевски потенцира дека работниците не бараат евтини станови, туку фер цени во однос на трудот и плата од која може достоинствено да се живее и да се создаде дом.

– Бараме плата што нема да биде причина за иселување. Затоа што достоинствената плата е право, а не привилегија – порача Пешевски.

Според неговата математика, со сегашната минимална плата од 26.046 денари (423 евра), еден градежен мајстор што цел ден гради згради, треба да изгради стан од 60 квадратни метри за себе со 350 плати доколку би била платата само за станот, а со пресметани рати и камати, можеби, и повеќе од 30 години на кредит.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img