домаМакедонијаНационалниот парк „Маврово“ заглавен во правните лавиринти

Националниот парк „Маврово“ заглавен во правните лавиринти

- Advertisement -spot_img

Националниот парк „Маврово“ повеќе од една деценија се наоѓа во неприфатлива правна неизвесност. И покрај јасните законски обврски, процесот за повторно прогласување на Националниот парк „Маврово“ сè уште не е завршен, поради што паркот функционира без клучните механизми за современо и ефикасно управување со заштитеното подрачје: задолжителен план за управување и нов просторен план.

Според „Екосвест“, дополнителна загриженост предизвикува фактот што иако стручните тимови ја имаат завршено студијата за валоризација, изработена со јавни и со донаторски средства, раководството на Националниот парк „Маврово“ не се согласува со научните наоди и со предложеното зонирање.

– Наместо институциите да обезбедат навремено завршување на процесот на повторно прогласување и воспоставување соодветен систем за заштита, во „Маврово“ се продолжува со активности што може да имаат негативно влијание врз неговите природни вредности, меѓу кои комерцијална сеча, комерцијален лов и поддршка на проекти за изградба на мали хидроелектрани – предупредуваат од „Екосвест“.

Марко Гучески, правник во „Екосвест“, додава дека од 2010 година, кога требало да заврши процесот на подготовка на закон и на подзаконски акти, па досега, не е донесен закон за повторно прогласување на „Маврово“ за национален парк.

– Во 2015 година имало иницијатива што без образложение била повлечена од страна на Владата. Неопходно е да постои закон за националниот парк, затоа што од него треба да произлезат планот и програмата за управување со него. Овие механизми мора да бидат поставени вертикално, при што Министерството за животна средина е највисок орган за заштита на природата во државата – смета Гучески.

Од „Екосвест“ наведуваат дека се следи овој процес и на меѓународно ниво.

– Во рамките на Бернската конвенција, прашањето за заштитата на Маврово се следи уште од 2013 година. Во 2025 година беше упатена конкретна препорака до македонските власти за запирање на развојот на хидроцентрали во „Маврово“ и за итно повторно прогласување на паркот. За жал, од минатата година нема комуникација помеѓу Секретаријатот на Бернската конвенција и Министерството за животна средина – наведуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина.

Притоа, потенцираат дека ваквата состојба остава простор за активности што не се во согласност со заштитата на природата, како што се изградбата на хидроцентрали, но и други активности.

За да ѝ се стави крај на долгогодишната правна неизвесност и за да се обезбеди соодветна заштита на природните вредности на „Маврово“, од „Екосвест“ бараат: Министерството за животна средина и просторно планирање итно да го преземе административниот процес за повторно прогласување на Националниот парк „Маврово“; предлог-законот за повторно прогласување на „Маврово“ да биде ставен на јавна расправа и да се продолжи постапката за негово усвојување во Собранието; да се обезбеди усогласување на управувањето со паркот со научните наоди од студијата за валоризација и предложеното зонирање; да се прогласи мораториум на активности и проекти што не се во функција на заштитата на природата, додека не се воспостави целосна и функционална законска рамка; да се обезбеди исполнување на меѓународните обврски преземени од државата, вклучително и препораките во рамките на Бернската конвенција.

Од „Екосвест“ се децидни дека не смее да продолжи долгогодишното одложување на процесот на повторно прогласување и оти е потребна е јасна институционална одговорност и итно дејствување за Маврово да добие соодветна, функционална и законски заснована заштита.
– „Маврово“ не смее да остане во правен вакуум. Заштитата на неговите природни вредности мора да биде приоритет и обврска на надлежните институции – заклучуваат од „Екосвест“.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img