домаМакедонијаЗбогум земјоделство, збогум домашна храна

Збогум земјоделство, збогум домашна храна

- Advertisement -spot_img

Наместо сигурен откуп, лозарите годинава спасот го бараат на социјалните мрежи. Грозјето директно од лозјата се нуди по цени кои, според производителите, се далеку под очекуваните и договорените откупни услови. Слично се случуваше и со останатото овошје и зеленчук годинава во Северна Македонија. Цените беа ниски, а трошоците многу високи, па токму поради тоа земјоделците решаваат да ги остават нивите необработени и да заминат во Европа. Државата повторно затекната неподготвена, без никаква стратегија за земјоделството, пишува „Журнал.мк“.

Цените на домашните производи не ги покриваат трошоците!

Многу земјоделци веќе немаат сила да продолжат и годинава можеби ќе биде нивната последна жетва. Сликата за лозарството во Северна Македонија годинава сè повеќе се оддалечува од организираниот откуп и се преселува на социјалните мрежи. Наместо организиран откуп и сигурна откупна цена од страна на државата, лозарите објавуваат огласи и бараат купувачи за своето производство, само за да не пропадне.

Црното грозје се продава за само 8 денари за килограм, додека пред десет години се продавало по 15-16 денари. Во меѓувреме, ако производителот го продава за осум денари, на мало во продавниците се продава за 80 денари. Ова нема никаква логика и е показател дека државата воопшто нема контрола врз пазарот. Прашањето што се поставува е каде завршува вредноста на трудот на лозарот и кој заработува од неговиот производ.

Земјоделците ги напуштаат лозјата што ги создале со долгогодишна макотрпна работа, страдања и сопствени средства, а за жал заминуваат во странство за да работат како физички работници.

За разлика од некои европски земји, кај нас ниту најголемите плантажи не гарантираат добар приход. За споредба, во Италија и со многу помали лозја може пристојно да се живее. Во Северна Македонија, ниту производителите со 50 декари лозја не можат да ги покријат своите трошоци.

Збогум земјоделство!

За жал, земјоделците се оставени сами да се снаоѓаат и никој не се интересира зошто земјоделскиот сектор ни пропаѓа.

За лозарите, зад секој килограм стои цела година работа – од обработката и заштитата на лозјето, па сè до бербата. А кога нема купувачи или кога цената не ги покрива трошоците и очекувањата на производителот, се поставува прашањето дали воопшто вреди да се продолжи.

Најсилната порака е токму тоа што луѓето кои со години ги одржувале лозјата веќе размислуваат да му кажат „збогум“ на лозарството.

Во моментов до 90 отсто од грозјето сè уште не е набрано од лозјата. Винарниците не го преземаат производството, а откупот се одвива во многу помал обем од очекуваниот. Производителите инвестирале во подготовка, обработка и труд, а сега се соочуваат со прашањето што да прават со грозјето кое нема каде да го продадат.

Затоа се бара итна реакција од институциите и конкретни мерки кои ќе овозможат откуп и ќе спречат пропаѓање на овогодишниот род. Грозјето годинава не се откупува и скапува по лозјата.

Незадоволството кај производителите е големо. Проблемот со цената и пласманот на грозјето трае со години, а државата не успева да понуди трајно решение.

Цената е иста веќе педесет години и досега никој не успеал да ја промени состојбата. Поради тоа, лозарите ги продаваат своите лозја и заминуваат од земјата. Се бара сигурен откуп, дополнителни субвенции и конкретен план за спас на овогодишниот род.

Доколку нема сигурен пазар и навремен откуп, за земјоделците ќе биде сè потешко да продолжат да ги одржуваат своите лозја. Многу земјоделци размислуваат да се откажат од земјоделството, бидејќи не гледаат економска оправданост во производството за кое на крајот нема сигурни купувачи.

Државата мора да биде свесна дека земјоделството и домашното производство на храна се основа за стабилноста, особено во време на кризи. Сега, кога цените на нафтата значително се зголемија, а цените на вештачките ѓубрива и пестицидите се зголемија енормно, државата мора да биде поддршка за земјоделскиот сектор.

Насекаде во светот земјоделството се субвенционира, па затоа е неопходно и кај нас да постои јасен план овој важен сектор да не пропадне, пишува „Журнал.мк“.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img