Производителите на пиперки денеска, 14 септември, ќе одржат протест со целосна блокада на регионалниот пат Прилеп – Битола, поради, како што велат, тешката состојба во земјоделството и загрозената егзистенција на производителите.
Блокадата е најавена во периодот од 10:00 до 11:00 часот на сообраќајниот јазол кај селото Тополчани, објави 4news.mk Во тој период сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола и во обратна насока ќе биде целосно прекинат за патнички и товарни возила.
Организаторите ги повикуваат земјоделците од регионот масовно да се приклучат на протестот, посочувајќи дека проблемите не се однесуваат само на производителите на пиперки, туку и на останатите земјоделски гранки.
„Земјоделците не протестираат за да им создаваат пречки на останатите учесници во сообраќајот, туку поради тоа што се доведени во прашање нивната егзистенција и опстанокот на производството. Очекуваме институциите конечно да ја преземат одговорноста и да понудат конкретни мерки“, порачуваат незадоволните земјоделци.
За време на блокадата ќе се пропуштаат возила на Итната медицинска помош, како и приватни возила кои превезуваат болни лица. Исклучок од блокадата ќе има и за возила на полицијата, Армијата и противпожарните служби.
Протестот доаѓа во услови на растечко незадоволство кај земјоделците, кои бараат конкретни мерки од институциите за надминување на проблемите со кои се соочуваат во производството.






