Граѓанските организации ѝ дадоа рок на Владата до 29 септември да се одземат концесиите за рудникот Иловица-Штука. Со тоа бараат конечно да се спречи отворањето на рудникот во струмичкото поле и да се стави крај на стравот на жителите од еколошко загадување на почвата, воздухот и водата. Во соопштението тие наведуваат дека рокот е утврден по меѓусебни консултации и дека 29 септември, ден кога Владата редовно заседава, го сметаат за краен рок за решавање на прашањето со концесиите. Од граѓанските организации потсетуваат дека уште во јуни до Владата упатиле заедничко барање за поништување на концесиите. По десет години на барикадите, тие велат дека повеќе не прифаќаат одложувања, префрлање одговорност и политички игри.
„Ако се отвори овој рудник, за нас тука мир нема да има. Сè ќе биде загадено, сè ќе биде проблематично, а и самиот инвеститор ќе треба да функционира во вонредни услови. Треба да се реши ситуацијата додека уште е време“, рече Ѓорѓи Танушев од „Здрава котлина“.
Граѓанските организации во соопштението наведуваат дека доколку Владата до истекот на рокот не ги поништи концесиите за рудникот, тоа ќе го сметаат за одлука спротивна на интересите на граѓаните и на заштитата на Струмичката Котлина. Тие најавуваат дека по 29 септември, доколку нивното барање не биде исполнето, ќе ги искористат, како што наведуваат, „загарантираните уставни права за самозаштита“, а граѓаните дополнително ќе бидат информирани за следните чекори. Според нив, по една деценија здружен отпор, прашањето за рудникот Иловица-Штука мора конечно да биде решено.






