Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против 27 лица, меѓу кои и една вработена во Министерството за внатрешни работи, поради постоење основи на сомнение за повеќе кривични дела поврзани со незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.
При преземените мерки и активности, како што информираат од МВР, утврдени се злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи преку незаконски измени на податоци во електронскиот систем и издавање јавни исправи со невистинита содржина.
Од пријавените, едно лице, вработена во Одделението за управни работи Скопје, се сомничи дека во периодот од 03.09.2020 до 24.08.2026 година, користејќи ја својата службена шифра и службените овластувања во електронскиот систем, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи од други вработени, а во одредени случаи ги отфрлала веќе оформените барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. По извршените измени, барањата биле одобрувани и биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина.
Од МВР информираат дека претходно, во периодот од 11.02.2021 до 11.04.2021 година, истото лице било отстрането од работното место, а потоа и отстрането од Министерството за внатрешни работи поради поднесена кривична пријава за кривични дела сторени при вршење на службената должност, кои се однесувале на злоупотреби во постапките за издавање лични документи. На 15.01.2025 година, врз основа на судска пресуда, повторно била вратена на работното место во ОУР Скопје.
-Со ваквото незаконско постапување биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во еден случај дејствието останало во обид. Во три случаи претходно креираните барања биле отфрлени, по што биле оформени нови барања во кои повторно биле внесени категории за кои не биле исполнети законските услови. Во текот на истрагата е утврдено дека четири лица постапувале како посредници, при што во договор и содејство со вработената во МВР посредувале за незаконско издавање на возачки дозволи. Истите пронаоѓале заинтересирани лица, и поврзувале со службеното лице и ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите во електронскиот систем и нивно издавање – се вели во соопштението од МВР.






