Голем број граѓани дури при поднесување барање за пензија откриваат дека дел од нивниот работен стаж не е евидентиран. Непријатното изненадување најчесто ги погодува лицата кои работеле во времето на СФР Југославија, особено во компании кои по распадот на државата биле затворени, ликвидирани или престанале да постојат.
Граѓаните честопати се соочуваат со недостиг на стаж кога работодавачот ја затворил фирмата, со што дополнително се отежнува докажувањето на работниот стаж. Потребно е да се обезбедат документи со кои ќе се потврди дека лицето било вработено во конкретната компанија, но и дека за неговиот ангажман биле платени придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
Од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (ПИОСМ) за „Нова Македонија“ појаснуваат дека стажот на осигуреникот се утврдува согласно одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
„Овие податоци се доставуваат до Фондот по службена должност од субјектите чија должност е тоа, а Фондот не ги прибира самостојно. Утврдувањето на стажот се врши врз основа на доставените податоци и документи, односно пријава и одјава на осигурување – обрасци М1 и М2, потврда за платен стаж, образец М4, кој се однесува на осигурениците до 2006 година, работничка книшка, како и други законски утврдени документи“, велат од Фондот.
Без докази, не се прифаќа тврдењето на осигуреникот
Од ПИОСМ дополнуваат дека врз основа на утврдениот стаж, висината на платите и другите релевантни податоци, Фондот донесува решение за пензија, со кое се утврдува висината на пензискиот надоместок.
„Осигурениците кои немаат утврден стаж треба да достават документи врз основа на кои ќе може да се утврди и потврди стажот, по што Фондот ќе може да изготви решение за пензија. Секое тврдење дека стажот бил подолг од официјално утврдениот во Фондот мора да биде поткрепено со докази, односно со соодветна документација“, појаснуваат од Фондот.
Во случаите кога постои проблем со утврдувањето на стажот, односно кога нема податоци дека лицето било вработено и дека биле платени придонесите за пензиско осигурување, службите на Фондот ги информираат граѓаните кои документи треба да ги достават и каде треба да се обратат.
Една од можностите е да се обратат до фирмата или претпријатието во кое работеле, односно до неговите правни наследници, доколку постојат, за да ја обезбедат потребната документација. Друга можност е да се обратат до Државниот архив и таму да побараат податоци, особено доколку претпријатието е во стечај или е целосно затворено.
И поранешните колеги можат да помогнат во пронаоѓањето на документацијата
Досегашното искуство на граѓаните кои се соочиле со проблеми при докажувањето на работниот стаж покажува дека особено тешко може да биде пронаоѓањето на потребните документи доколку компанијата го променила името, се споила со друга компанија или целосно престанала да постои.
Сепак, во одредени случаи постои лице или институција која ја презела обврската за чување на деловната документација. Затоа, корисно е граѓаните да контактираат со поранешни колеги или да побараат информации за поранешниот работодавач и за тоа каде би можела да се наоѓа документацијата.
Од ПИОСМ објаснуваат и што се случува со граѓаните кои дел од својот работен стаж го стекнале во странство или во моментот живеат надвор од Северна Македонија.
„Во случај кога осигуреникот, односно барателот, живее во странство, Фондот по службена должност се обраќа до фирмата или претпријатието, како и до Државниот архив, за доставување на потребните податоци. Фондот на ПИОСМ, согласно Законот за ПИО, задолжително мора да располага со валидна документација врз основа на која ќе се утврди стажот на осигуреникот“, укажуваат од Фондот.
Од ПИОСМ на крајот потенцираат дека Фондот работи согласно одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и другите закони што се однесуваат на неговиот делокруг на работа, а непочитувањето на законските одредби повлекува кривична и материјална одговорност.
Граѓаните, пак, посочуваат дека кога постои правен наследник на компанијата, потребните потврди обично се многу полесни за обезбедување. Кога компанијата е распуштена без правен наследник, документацијата може да се побара во државните и историските архиви.
Работодавачите биле должни одредена деловна документација да ја предадат на надлежните институции, што може да вклучува евиденција за вработените, податоци за платите и други документи важни за остварување на правото на пензија.
Доколку документацијата не е зачувана во архивите, потрагата не мора да заврши. Во одредени случаи деловни документи може да се наоѓаат кај поранешни сметководители, сметководствени агенции или поранешни вработени кои задржале дел од документацијата по затворањето на компанијата.
Затоа, контактот со поранешни колеги може да биде од голема корист. Тие можеби знаат каде се наоѓа документацијата или самите веќе поминале низ истата постапка.
Вредни можат да бидат и личните документи што граѓаните ги зачувале, како што се договори за вработување, решенија за вработување, анекси на договори, пресметки на плати, евиденција за личен доход или потврди за работен стаж.
Сепак, важно е да се знае дека изјавите на поранешните колеги можат да помогнат во пронаоѓањето на доказите, но стажот не може да биде признат само врз основа на сведоштво. За признавање на стажот потребна е соодветна документација.






