Во турската провинција Анталија, на медитеранскиот брег во јужниот дел на земјата, пожарникарите се борат со голем шумски пожар што принуди стотици луѓе на евакуација, а најмалку две лица се повредени.
Пожарот избувна синоќа во Аксу, област во градот Анталија, а силниот ветер го прошири кон соседната област Кепез, пренесува АП.
Две лица се хоспитализирани со повреди на нозете, а шестмина добиле помош на самото место поради вдишување чад. Евакуирани се жители од најмалку 254 куќи во областите Аксу и Кепез.
Привремено беше затворен и автопатот што ја поврзува Анталија со Испарта, град оддалечен околу 130 километри кон север.
Градските власти на Анталија потврдија дека повеќе од 100 кучиња се преместени на безбедно од засолниште во Аксу бидејќи биле загрозени од пламенот и густиот чад.
Повеќе од 2.000 домаќинства во регионот останале без електрична енергија, објави агенцијата Анадолија.
Во гаснењето на пожарот се вклучени најмалку пет противпожарни авиони, 10 хеликоптери, 110 противпожарни возила и 600 припадници на службите.
Истовремено, противпожарните екипи се борат со пожари и во соседните провинции Адана и Мерсин.






