Нацрт-деталниот урбанистички план Ј05 „Барутана“ добил согласност од страна на Град Скопје, која, како што веќе најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, ќе биде преиспитана. Арно ама, за овој план, чие спроведување во првичната верзија, според неговите критичари, ќе ја загрози безбедноста на скопјани поради тоа што опфаќа ерозивно подрачје, не е издадено мислење, ниту позитивно ниту негативно, од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, што практично и овозможува на Општина Центар да го турка процесот. Предупредувајќи на безбедностите ризици од овој план, Јане Димески од „Шанса за Центар“ вели: „Веќе доволно долго се бавиме со политика за да знаеме дека политика е кога се дава мислење, но политика е и кога се молчи…“ „Фокус“ се обрати до ДЗС, но досега не добивме одговор.
Нацрт-деталниот урбанистички план „Барутана“, кој моментално се наоѓа во фаза на јавна анкета откако помина во општинскиот совет со поддршка на советници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, добил согласност од Град Скопје, која, патем речено, скопскиот градоначалник најави дека ќе биде преиспитана.
Арно ама, овој предлог-урбанистички план воопшто не добил мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, што практично овозможило постапката за негово усвојување да почне и да продолжи, а токму тоа се посочува како еден од клучните спорни моменти од страна на критичарите на планот.
Имено, меѓу нив предничи граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, од каде посочуваат дека ако овој план биде усвоен во првично предложената верзија, тогаш, покрај останатото, се доведуваат во опасност скопјани, од причина што пределот што го опфаќа овој план е означен како ерозивно подрачје.
–Тука шумата, како и на цело Водно, треба да служи за заштита за градот. И доколку си остане шумата и се згуснува тогаш овој терен ќе биде во ред. Но, ако се сече шумата и буквално се случуваат активности како што ги планираме со овој план, односно се одвива градба, ова подрачје може да влезе во високата втора категорија на ерозивно подрачје. Тоа значи веќе ерозија.
Од долните населби веќе имаме примери со пукање на ѕидови… Како гарантирате дека со овој дополнителен товар на големи објекти… Не се ова згради, административно нели ги водиме како станбени куќи, но сите знаеме дека во суштина тоа се мали згради и секоја од нив може да има по 4 станбени единици, 4 коли. Значи, сите овие 25 нови објекти што сега ги нема ако се изградат според овој план, ќе имаме 100 станови и 100 коли плус.
Плус, ако знаеме дека експертите велат дека при градба ерозијата се зголемува за илјада пати на градежните површини споредено со шума, дека тоа нема да тргне еден ден надоле, нам тоа ни е најголемата грижа. За да им обезбедиме лукзус на малку, предизивкуваме голема опасност. Притоа, ефектите и штетите од ерозијата не настануваат на лице место, туку надоле, по долните текови.
Како ќе гарантирате дека ова нема да се случи за 5,10, 15 години, дека нема да тргне надоле? Бидејќи нема студија за ерозија, во планот нема мерки за ерозија како да се заштитат и немате мислење од Дирекција за заштита и спасување, што мислам дека е една од клучните што во овој момент би требало да дадат. Веќе доволно долго се бавиме со политика за да знаеме дека политика е кога се дава мислење, но политика е и кога се молчи – рече Јане Димески од „Шанса за Центар“.
„Фокус“ се обрати до ДЗС со прашање кога Општина Центар, надлежниот сектор за урбанизам во општината и/или планерската куќа што го изработува овој урбанистички план побарале мислење за безбедноста на теренот што го опфаќа ДУП-от Ј05 „Барутана? Притоа, прашавме дали Дирекцијата го разгледала ова барање и зошто се уште не се изјаснила, што на локалната самоуправа и овозможува продолжување на постапката и покрај безбедносните ризици? Досега, не добивме одговор.
Кога советничката од ЗНАМ Александра Цветановска праша дали со новиот план директно се загрозува безбедноста на граѓаните поради можни свлечишта, како и дали се добиени позитивни мислења, раководителката на Секторот за урбанизам Танкица Христова Спасовска одговори: „Ние побаравме мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, но на нашето барање не добивме одговор, па според Законот, ако не се одговори тогаш ние можеме да продолжиме со постапката, односно немаме негативно мислење“.
Ако неиздавањето на позитивно мислење од страна на ДЗС не го спречува носењето на ДУП-от, туку тоа би се случило само во ситуација ако има негативно мислење, тогаш за воопшто процесот да дојде до оваа фаза неопходна е согласност од Град Скопје. Имено, таква согласност е дадена во 2025 година, меѓутоа скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави дека ќе разговара со секторот урбанизам и со комисијата, за да се испита можноста дали може да се оди чекор назад во постапката.
–Јас како нов градоначалник имам право да имам различно мислење од моите претходници. Инаку, генерално сум против градење на било што на Водно и тоа нека биде јасно за цела јавност. Било што на Водно, освен инфраструктура, не е добро. Можеби ние нема да ги почувствуваме последиците како генерација, може нашите деца нема да ги почувствуваат, но наши внуци и правнуци ќе ги почувствуваат – порача тој, одговарајќи на прашање на советничката Јана Белчева.
Инаку, на вчерашната јавна презентација на нацрт-планот настапија со забелешки претставници на политички партии, граѓански иницијативи, но и граѓани, кои велеа дека изградбата на нови објекти на ерозивно подрачје на Водно ќе ја загрози нивната безбедност, како и безбедноста на сите скопјани. Во таа насока, поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска побара писмени гаранции дека спроведувањето на ваков план би било безбедно.
-Што треба да се случи, луѓе бре, уште да дојде Водно на плоштад ли треба… Штом толку пати сте биле, и сте свесни и знаете се, јас ве молам да потпишете изјава со која гарантирате дека нема да дојде животот на луѓето во опасност. Да видиме дека нема ништо да се случи. Ве молам, потпишете се – ги повика Ивановска претставниците од Секторот за урбанизам на Општината, откако тие рекоа дека биле најмалку 20-30 пати на терен.
На тензичниот настан, го немаше градоначалникот Горан Герасимовски, кој претходно го бранеше планот, велејќи: „Медиумите цело време пренесуваат дека ќе има 25 нови парцели, а тоа е лага. Истите тие парцели ги има и во претходните ДУП-ови, ние како општина законски не можеме да избришеме која било од тие парцели. Нема нови дополнително нацртани парцели, туку има намален простор за градење…“.
За потсетување, нацрт-ДУП „Барутана“ предвидува изградба на 25 објекти со вкупна станбена површина од 29.000 квадратни метри, додека објектите треба да бидат со приземје и 2 ката. Тој е на јавна анкета до 14 септември, до кога граѓаните ќе имаат можност да ги дадат своите забелешки, предлози и мислења, кои, доколку бидат прифатени, ќе бидат вметнати во новата верзија што би се нашла пред советниците.






