Министерството за транспорт, со поддршка од Светската банка, обезбеди 49 возила за комунална хигиена, набавени со средства заштедени од буџетот на Министерството, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за ТВ Канал 5.
Тој посочи дека возилата се наменети за поголемите општини и за Град Скопје, а ќе им бидат ставени на располагање и на општините во Скопскиот Регион.
Станува збор за различни типови камиони за собирање отпад, цистерни за миење улици и електрични возила за нивно чистење.
Најголем дел од возилата ќе ги добие Град Скопје, а дел ќе бидат распределени и во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Струмица, Прилеп, Дебар, Кичево и Охрид. Николоски најави дека во следниот период ќе се помага и на други општини.
Проценетата вредност на набавката била 5,5 милиони евра, но возилата биле набавени за 4,2 милиони евра, со што биле заштедени околу 1,3 милиони евра. Според Николоски, заштедените средства ќе бидат искористени за поддршка на други општини.






