Собранието денеска ќе ја продолжи 121. седница, на чиј дневен ред се Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030 година, Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2025 година и поголем пакет законски измени по скратена постапка.
Пратениците треба да ги разгледаат предлозите на законите за пензиското и инвалидското осигурување, задолжителните нафтени резерви, за Геолошкиот завод на Република Македонија, Фондот за осигурување на депозити, Државната статистика, Царинската управа, јавните набавки, метрологијата, стоковните резерви и за основање на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.
На дневен ред се и законските измени што се однесуваат на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, индустриската сопственост, заштитата од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, технолошко-индустриските развојни зони, лековите и медицинските средства, Централниот регистар, здравственото осигурување, како и за основање на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Законот за безбедност на храната.
Пратениците ќе расправаат и за измените и дополнувањата на законите за урбанистичко планирање, за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Регистарот на задолжително социјално осигурување, класифицираните информации, Државниот инспекторат за локална самоуправа, вештачењето, катастарот на недвижности, управувањето со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, рамномерниот регионален развој и стручното усовршување и обука на административните службеници.
На агендата се и законите за управување со кризи, заштита и спасување, сигурност во железничкиот систем, управната инспекција, архивскиот материјал и архивската дејност, здравјето на растенијата, административните службеници, животната средина, инспекцискиот надзор, Државниот инспекторат за земјоделство, употребата на македонскиот јазик, инспекцијата на труд, извршувањето на санкциите и внатрешната пловидба.
Во рамки на седницата треба да биде разгледан и Предлог-законот за дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Продолжението на 121. седница е закажано за 14 часот во салата „Македонија“ во Собранието.






