Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го обвини градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, за двојни стандарди во однос на градењето во општината, откако советниците на партијата не ја поддржаа суспензијата на дел од ДУП „Буњаковец 1“.
Реакцијата следува откако Герасимовски, по гласањето во Советот, јавно праша „чиј интерес се штити – на граѓаните или на инвеститорот?“.
Од ЗНАМ ги отфрлаат ваквите критики и тврдат дека нивните советници постапиле во интерес на жителите на Центар и со цел да не се донесе одлука која подоцна би можела да предизвика финансиски последици за Општината.
– Советниците на ЗНАМ го штитат интересот на Центарци. А тоа значи и да не дозволат граѓаните повторно да плаќаат за правно неиздржани одлуки. Општина Центар досега има исплатено повеќе од 140 милиони денари по основ на отштети. И кога се повикува на безбедност, Герасимовски треба да ги презентира сите факти – велат од партијата.
Како еден од ризиците поврзани со спорната градба се посочува резервоарот за мазут со капацитет од 115 кубни метри кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Од ЗНАМ, повикувајќи се на документација со која, како што велат, располагаат, тврдат дека резервоарот не е во функција од 2024 година, дека е испразнет, исчистен и хемиски третиран. Дополнително, посочуваат дека со реконструкцијата студентскиот дом треба да биде приклучен на системот за снабдување со топлинска енергија.
– Ако градоначалникот има стручен наод дека резервоарот и денес претставува опасност, нека го објави. А кога зборува за безбедноста околу градилиштата, прашуваме дали истиот аршин важи за сите – велат од ЗНАМ.
Партијата го обвини Герасимовски и за двојни стандарди во однос на бетонизацијата на Центар, нарекувајќи го „Бетоњерка“.
– Во неговиот мандат Центар продолжува да се бетонизира, издадени се троцифрен број одобренија за градење, а денес со голема доза театралност се претставува како главен борец против бетонизацијата. Истовремено, го турка ДУП „Барутана“, со кој се предвидува сериозна изградба на падините на Водно. Советниците на ЗНАМ гласаа против „Барутана“ – соопштија од партијата.
Од ЗНАМ му порачаа на градоначалникот, наместо, како што велат, „отворање шахти пред камери и снимање кратки видеа“, да ја проверува безбедноста на активните градилишта низ општината.
На вчерашната 11. седница на Советот на Општина Центар, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не ја поддржаа Предлог-одлуката за суспензија на дел од ДУП „Буњаковец 1“. Со суспензијата требаше да се спречи реализацијата на спорната градба кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ додека не се обезбедат безбедни и правно сигурни услови за пристап и реализација на објектот.
За суспензијата гласаа 10 советници, што не беше доволно за донесување на одлуката.
Станува збор за градежна парцела на аголот на булеварите „Климент Охридски“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, за која Општина Центар уште минатата година посочи дека постојат сериозни безбедносни и правни проблеми.






