Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги објави најновите официјални податоци за состојбата со сипаниците кај овците и козите, нагласувајќи дека е важно да се прави јасна разлика меѓу животните што угинале од болеста и оние што се усмртени како дел од мерките за нејзино сузбивање. Според официјалната евиденција на АХВ, досега од болеста угинале 196 овци и кози, додека 7.316 животни се евтаназирани или убиени во рамки на официјалните мерки за спречување на ширењето и искоренување на заразата.
Во моментов, сипаниците кај овците и козите се потврдени во 63 жаришта, распоредени во четири региони во земјава. Во рамки на мерките за контрола и сузбивање на болеста, депопулација е извршена на 53 одгледувалишта, при што вкупно 7.316 овци и кози се евтаназирани или убиени. Најголем број жаришта се регистрирани во Источниот Регион, каде се евидентирани 50 од вкупно 63 жаришта, односно 79,4 проценти од сите регистрирани жаришта. Во овој регион се евидентирани 7.216 приемчиви животни, од кои 160 биле позитивни на болеста. Според податоците на АХВ, 156 животни угинале, додека 4.815 се евтаназирани или убиени во рамки на мерките за сузбивање на заразата. Во Североисточниот Регион се регистрирани седум жаришта, во Вардарскиот Регион пет, додека во Скопскиот Регион е евидентирано едно жариште.






