домаМакедонијаМиланов тврди дека храната во Македонија е безбедна, најавува двојно повисоки казни

Миланов тврди дека храната во Македонија е безбедна, најавува двојно повисоки казни

- Advertisement -spot_img

Осум тони небезбедна храна се запленети во изминатите два дена при вонредни инспекциски контроли на пазарите, а надлежните најавуваат построги санкции за операторите што не ги почитуваат прописите. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, најави дека со законските измени што се подготвуваат глобите ќе бидат двојно зголемени.

Според Миланов, при вчерашните контроли биле одземени два тона небезбедна храна, додека денеска биле запленети уште шест тони. Тој истакна дека безбедноста на храната останува приоритет и дека се потребни редовни и вонредни надзори за заштита на потрошувачите.

„Не се доволни казните, треба да бидат повисоки. Веќе се работи на законот за прекршоци. На добар пат сме, претходните две години вративме над 650 тони храна од увоз“, изјави Миланов.

Тој појасни дека висината на глобите за операторите со храна се утврдува според големината на објектот, бројот на вработени и финансискиот обем на работењето. Доколку се утврдат неправилности, инспекциските служби можат повторно да извршат контрола, а во одредени случаи и да го затворат објектот.

Месните и млечните производи биле безбедни

Осврнувајќи се на летните инспекциски контроли на месните и млечните производи, Миланов рече дека лабораториските анализи покажале оти производите биле безбедни и квалитетни, но кај дел од нив биле утврдени неправилности во декларациите.

Според него, отстапувањата се однесувале на означувањето на составот, вклучително и на податоците за водата и масленоста, што само по себе не значи дека производот е небезбеден.

Тој нагласи дека биле направени повеќе анализи, и на производи земени од прометот и на оние од производството, при што не биле утврдени проблеми со безбедноста на храната.

Директорот на АХВ упати апел до производителите и операторите да ги почитуваат правилата за декларирање, а до граѓаните да бидат внимателни при купувањето.

Потрошувачите, според него, треба да го проверуваат рокот на употреба, нутритивната табела, составот и органолептичките својства на производите, односно нивниот изглед, мирис и други карактеристики.

Најавени построги контроли на увозот и извозот

Во врска со враќањето пратки македонско овошје и зеленчук од некои земји во регионот, Миланов рече дека анализите на производите покажале негативни наоди, односно дека тие биле исправни според спроведените испитувања.

Тој посочи дека вакви случаи имало и претходно, меѓу другото, со Хрватска, Бугарија и Србија. Според него, одржани биле средби со претставници на надлежните институции и стопанските комори, на кои било договорено да се зајакнат контролите при увозот и извозот.

Миланов нагласи дека ниту една држава не може да гарантира дека целата храна што се консумира е 100 проценти безбедна, поради што се неопходни постојан надзор и навремено откривање на ризиците.

Апел за поздрави навики во исхраната

По повод Светскиот ден на храната, настанот беше посветен и на подигнувањето на свеста за здравата исхрана и одговорното производство на храна.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, посочи дека е важно граѓаните да бидат подобро информирани за навиките во исхраната, особено младите, кај кои забележува зголемена употреба на енергетски пијалаци.

Таа повика на враќање кон поздрави навики и потсети на значењето на водата како најдобар избор за хидратација.

Годинашното мото на Светскиот ден на храната е „Иновирај денес. Нахрани ја иднината“. Во своето обраќање, Миланов истакна дека развојот на науката, технологијата, дигитализацијата и вештачката интелигенција може да придонесе за унапредување на производството, но дека напредокот не треба да се мери само според количината на произведена храна, туку и според нејзината безбедност, хранлива вредност и достапност.

Тој посочи и пет основни принципи за безбедно ракување со храната: одржување хигиена, одвојување на суровата од подготвената храна, темелна термичка обработка, чување на соодветни температури и користење безбедна вода и исправни суровини.

Институтот за јавно здравје бара научно заснована проценка на ризиците

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, нагласи дека при проценувањето на безбедноста на храната не е доволно само да се утврди присуство на микроорганизми или хемиски супстанции. Потребно е да се процени и нивното потенцијално влијание врз здравјето, да се идентификуваат најизложените групи и да се утврди дали се потребни дополнителни испитувања и мерки.

Таа посочи дека соработката меѓу институциите, унапредувањето на лабораториските капацитети и размената на стручни знаења се клучни за ефикасен систем за безбедност на храната.

На стручната дискусија, меѓу другото, се разговараше за заболувањата предизвикани од небезбедна храна, постапките за повлекување неисправни производи од пазарот, онлајн купувањето храна и употребата на додатоци во исхраната.

Посебно внимание беше посветено на рекламирањето производи за слабеење и енергетски пијалаци насочено кон младите, како и на потребата од подобра информираност за можните здравствени последици.

Организаторите ја истакнаа и важноста на едукацијата на младите, кои преку учеството на настанот имаа можност да се запознаат со принципите на безбедна исхрана и со одговорноста на институциите, производителите и потрошувачите во целиот процес – од производството до трпезата.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img