Италија е погодена од својот петти летен топлотен бран, со температури над 44 °C на југ и островите. Врвот се очекува денес, а метеоролозите предвидуваат дека надпросечното топло време би можело да продолжи и во септември, пишува Euronews.
Во централните и јужните делови и на островите, температурите достигнаа над 40 °C, што е десет степени над просекот. Во исто време, се очекува северна Италија да доживее силни грмотевици во наредните часови. Високата влажност во воздухот го зголемува чувството на топлина, па се чини дека температурата е најмалку пет степени повисока. Ноќите се исто така екстремно топли, таканаречени тропски, а температурите на многу места не паѓаат под 30 °C.
Иако се очекува мало смирување на топлината во наредните денови, метеоролозите предупредуваат дека температурите во септември ќе останат значително повисоки од просекот за овој период од годината.
Црвен аларм за топлотен бран е прогласен во девет градови, каде што здравствените ризици поради екстремна топлина и влажност се високи дури и за луѓето кои не припаѓаат на ранливи групи. Тоа се Бари, Каљари, Кампобасо, Катанија, Латина, Месина, Палермо, Реџо Калабрија и Рим.
Во споменатите градови се измерени температури помеѓу 39 и 40 °C, а највисоките температури се забележани во Калабрија.
Во Сицилија и Сардинија, температурите достигнаа 43°C, со многу големо чувство на топлина. Воздушните струи од Северна Африка носат сахарска прашина во јужна Италија.
Според италијанското Министерство за здравство, се очекува мало подобрување во текот на викендот. Во сабота, црвениот аларм ќе остане на сила во шест градови (Бари, Катанија, Месина, Палермо, Реџо Калабрија и Рим), а во недела во четири (Катанија, Месина, Палермо и Реџо Калабрија).






