Акцијата за ослободување на грчките плажи од нелегално поставени предмети продолжува на Халкидики. Екипи на општина Полигирос со булдожер отстранија приватни чадори, лежалки и маси од плажата Каливија, со цел повторно да се обезбеди слободен пристап до јавниот простор.
Акцијата започна во 7 часот наутро, а на терен биле отстранети предмети кои со текот на времето останале поставени на плажата и практично го ограничувале просторот достапен за останатите посетители.
Интервенцијата во Каливија е продолжение на акцијата што општинските екипи ја спроведуваат на плажите во Полигирос.
Само неколку дена претходно, околу 100 чадори и лежалки биле отстранети од плажата во Геракини. Според локалните медиуми, дел од нив повторно биле поставени само неколку часа по отстранувањето.
Особено внимание предизвикува практиката на сопственици на апартмани за краткорочно изнајмување, кои на гостите им обезбедуваат лежалки и чадори на плажата како дел од услугата за сместување.






