Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска соопшти дека со Албанија веќе се работи на изнаоѓање алтернативна рута за автопатот Ќафасан – Требеништа. Добро оди, рече Николоски, и работата на патот Извор – Гарски Мост, а автопатот од Тетово, кој има три делници, се очекува да биде завршен за три години.
Како што информира Николоски, до крајот на годината треба да се изготви и законот за крајбрежјата на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро со кој, како што рече, ќе се решат досегашните проблеми со плажите.
– Во однос на Коридорот 8, трасата Ќафасан – Требеништа, јасна е препораката – да се изнајде алтернативна рута или друга, поинаква од оваа што беше во рамките на договорот, и да биде дискутирана со Албанија. Ние веќе интензивно комуницираме со Република Албанија и разгледуваме одредени опции. Автопат ќе се гради, не е веќе прашање дали ќе се гради и тоа е добрата вест од препораките на УНЕСКО. Она што треба да се направи е само да се избере соодветна рута за да не наштети ниту на културно-историското наследство ниту на биодиверзитетот. И ова не е прв проект во кој ќе се промени рута. Автопатот од Гостивар до Букојчани имаше една рута, но имаше и некои работи поврзани со екологија и заштита на ретки пештери, од кои едната е можеби најзначајната во цела Југоисточна Европа, и решивме да ја промениме трасата, да избереме траса со која ќе се заштити сè што треба. Тоа ќе го направиме и тука – нагласи министерот одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Струга.
Во однос на автопатот од Тетово, рече дека првите километри од првата делница Тетово – Гостивар ги очекува в година, а целосното завршување во 2029 година.
– Вториот дел, до Букојчани, каде што еден од клучните мостови веќе се изгради, очекувам да се заврши до крајот на 2029 година, а за делот Букојчани – Кичево се чека одлуката на ЕБРД. Штом ја имаме, ќе го кажам и рокот, но во согласност со првите предвидувања, тоа е речиси три години – посочи Николоски.
Тој дополни и дека е во постојана комуникација со градоначалниците на Охрид, Ресен и Дојран во однос на крајбрежјата на трите природни езера.
– Во финална фаза е изрбаотката на законот што ќе ги реши сите прашања. Досега немало закон за крајбрежјата на трите езера. Ова е прв закон, за Охридско имаме и препорака од УНЕСКО, која во законот ќе биде целосно почитувана. Си дадовме задача до крајот на годината да го завршиме за да се завршат и постапките и со почетокот на сезоната март – април да ги немаме ситуациите што ги имавме досега – објасни Николоски.
За патот Извор -Гарски Мост, најави дополнителен јавен повик за тендерирање на работите, а за клучката во близина на реката Треска, напомена дека е работена по сите еколошки стандарди.
– Таму добро оди динамиката, иако наследивме големи проблеми со свлечишта. Се работи за добар проект зашто многу ќе се скрати патувањето и нема да се оди преку Маврово и Радика. Следниот период ќе се прави дополнителен јавен повик за тендерирање на работите. Кај спојката меѓу двата автопата Охрид – Кичево и Извор – Гарски Мост или Кичево – Дебар има клучка, која е во близина на реката Треска и работена е по сите еколошки стандарди. Се изработија специјални резервоари за вода за целосна заштита, немаше водовод и канализација, а сега целосно се изградија и се уреди целиот простор, кој се надевам дека ќе се користи кога автопатот ќе биде пуштен во функција – рече министерот Николоски.






