Густ чад попладнево го покри Скопје, а видливоста во скопската котлина е значително намалена. Од Водно градот едвај се гледа, а состојбата е видлива и на снимките од камерите.
Чадот доаѓа од повеќето активни пожари во скопскиот регион, а најмногу од пожарот на планината Жеден кај селото Бојане.
Најсериозна е состојбата на Китка, каде на територијата на Студеничани и Зелениково гори мешана шума. Во гаснењето е ангажиран и хеликоптер на МВР.
Активни пожари има и кај Бујковци во Општина Илинден, како и во Сарај, каде се зафатени нискостеблеста шума и висока трева.
Мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат лош квалитет на воздухот.
Институтот за јавно здравје претходно препорача при загадување со чад да се ограничи престојот на отворено и физичката активност, граѓаните да останат во затворени простории со што е можно почист воздух и да ги држат прозорците и вратите затворени.
Денеска во земјава се активни пет пожари, а вчера биле регистрирани вкупно 33.






