Маж и жена од Германија загинале во авионската несреќа што се случи на планината Велебит во Хрватска, во близина на Задар, соопшти хрватската Агенција за истражување на несреќи во воздушниот, морскиот и железничкиот транспорт.
Несреќата се случила завчера околу 16 часот. Станува збор за авион од типот „Diamond HK-36TC-100 Super Dimona“, кој, според хрватските медиуми, го управувале германски државјани на возраст од околу 80 години.
Тие полетале од аеродромот во Оломоуц, Чешка, и летале кон Задар.
По пријавувањето на несреќата, истражители на Агенцијата излегле на местото и започнале увид. Во согласност со регулативите на Европската Унија, е отворена безбедносна истрага за причините и околностите на падот.
Засега нема официјален заклучок за тоа што ја предизвикало несреќата. Резултатите ќе бидат објавени по завршувањето на истрагата, во конечен извештај на надлежната агенција.






