Судот во Австралија ја осуди 51-годишната Македонка Милена Богојевска на осум години затвор, од кои шест без можност за условен отпуст, поради смртта на нејзината 85-годишна соседка Лолин Вајтхенд. Богојевска се изјаснила за виновна за убиство од небрежност.
Случајот го потресе Мелбурн во јули 2024 година. Богојевска ја задушила старицата, по што го ставила телото во кеса и го фрлила во реката Марибирнонг. Два дена подоцна, телото било пронајдено од рибар.
Но, случајот не завршил со смртта на 85-годишната жена. По нејзиното убиство, Богојевска од домот на соседката однела пари, накит, банкарски картички и лични документи. Со дел од украдените средства купувала лотариски тикети, ваучери, чевли и „iPad“ уреди, при што потрошила речиси 4.000 австралиски долари.
Судијката Џасинта Форбс остро го оценила нејзиното однесување, опишувајќи го како „опортунистичко, пресметано и себично“.
Богојевска првично била обвинета за убиство, но обвинителството подоцна го прифатило нејзиното изјаснување за вина за убиство од небрежност. Судот ѝ изрекол осумгодишна затворска казна, од која шест години ќе ги помине без право на условен отпуст.






